Од денеска почнува аплицирање за субвенции за трета фаза произведено и предадено млеко


Скопје, 10 октомври, 2018 - 11:40 (META) 

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, ги известува млекопроизводителите дека е во тек поднесувањето на барањата за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во периодот  од мај до септември 2018 година, односно за трета фаза млеко.

„Рокот за поднесување на барањата е до 5 ноември, висината на поддршката изнесува четири денари по литар за овчо и козјо млеко, и 3,5 денари по литар за кравјо млеко. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е регистрирано земјоделското стопанство“, се вели во соопштението.

Исто така, на 5 ноември 2018 година завршува и рокот за поднесување на барања за директни плаќања за несилки внесени во капацитет за производство на јајца во период од 1 мај до 30 септември 2018 година. Висината на поддршката изнесува 100 денари за купена и внесена неслика во одгледувалиште на кокошки несилки за производство на јајца.

„Барањата се поднесуваат во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, лично или пошта. Образецот за поднесување на барањата како и потребната документација може да поднине во Агенцијата или да се превземе од веб-страната: www.ipardpa.gov.mk, во полето „Директни плаќања 2018“, „Обрасци““, додаваат од таму.


Нова субвенција за решавање на проблемот со откупот на сливите


Скопје, 13 август, 2018 - 13:28 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека поради проблемите со откупот на сливите ќе интервенира Владата, со тоа што ќе доделува субвенции на откупувачите и преработувачите на сливи.

Од министерството велат дека на утрешната седница на Владата на дневен ред ќе бидат и измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година, односно воведувањето на нова мерка – субвенционирање од два денари за откупувачите и преработувачите на сливи.

Финансиската поддршка ќе стапи на сила со објавување на одлуката во Службен весник  и ќе важи  за откупени количини на сливи до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од пет денари за килограм за индустриски сливи. Оваа субвенција ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива.

Инаку, со Програмата за директни плаќања за 2018 година со мерката за одржување на насади од слива земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари, како и субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети.


Поништена постапката за субвенции за авиопревозници


Скопје, 6 август, 2018 - 11:29 (META) 

По предлог на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на финансиска поддршка на авиопревозници, Министерството за транспорт и врски ја поништило постапката за доделување на финансиска поддршка.

На јавното отворање на барањата, на 27 јули, имало само една понуда, којашто не била доставено согласно условите, односно на трите запечатени внатрешни пликоа не би наведен полниот назив и адреса на авиопревозникот.

Поради тоа, постапката била прекината. Министерството за транспорт и врски соопшти дека наскоро повторно ќе го објави јавниот повик за доделување на финансиска поддршка на авиопревозници.


Остри полемики за законите за финансиска поддршка на инвестициите и за енергетика


Скопје, 3 мај, 2018 - 14:48 (META) 

Со многу остри полемики и обвинувања помеѓу власта и опозицијата, денеска Собранието во рамките на 45-тата седница, покрај десетина закони што ги изгласа без расправа, го донесе и Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

На гласањето му претходеше долга расправа со многу реплики и контрареплики помеѓу вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а во дискусијата се вклучија и неколкумина пратеници од владејачкото мнозинство.  Опозициските пратеници обвинуваа дека новата власт не донела ниту една странска инвестиција, на што се спротивставуваа нивните колеги од СДСМ.

Според Анѓушев, овој закон е максимално поддржувачки за домашните, но и за странските инвестиции, 20 од 23-те странски компании кои моментално работат, согласно проекциите би оствариле и повисока државна поддршка.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа дека со законот ќе се овозможи и човек-фирми блиски на власта да остварат големи приходи од државната финансиска помош, на сметка на домашните компании што произведуваат.

Собранието усвои десетина закони, меѓу кои и тие за државна статистика, за заштита на конкуренција, за стандардизација, за санитарна и здравствена инспекција, за лековите и медицинските средства, за комплементарна и алтернативна медицина, за акредитација…

Потоа се дискутираше за законите во прво читање, со европско знаменце, при што законот за странци беше даден на понатамошна процедура, а предлог-законот за енергетика во прво читање покрена жестока расправа, која пак беше прекината од редовната пауза. Според пратениците од опозицијата, овој закон ќе донесе поголеми цени за струјата за домаќинствата, што Анѓушев го негираше, изнесувајќи го примерот со либерализацијата на пазарот за електрична енергија за големите и средните компании.

– Со либерализацијата, нивните трошоци се намалија – рече вицепремиерот.

По паузата, Собранието ќе се префрли на продолжението на 40-тата седница, на која единствена точка е Националната стратегија за културата, по што ќе продолжи 45-тата седница и расправата за законот за енергетика.


МЗШВ: Рокот за поднесување барања за субвенции во земјоделството е до 15 септември


Скопје, 29 август, 2017 - 12:24 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува земјоделците дека рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделство од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година, кој почна на 3 јули, трае до 15 септември.

Земјоделците можат сами да поднесат барање за директни плаќања преку е-барање, кое е поставено на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Оние земјоделци кои не се во можност сами да си креираат барање, најдоцна до 30 август годинава треба да побараат техничка поддршка од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за да можат да го запазат рокот за аплицирање на 15 септември“, велат од МЗШВ.

За помош околу аплицирањето земјоделците можат да ги користат и услугите на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.


Владата со 800.000 евра ќе финансира граѓански здруженија и фондации


Скопје, 30 март, 2017 - 16:43 (META) 

Владата на Република Македонија денеска објави оглас за финансиска поддршка, во вкупен износ од 50 милиони денари, односно околу 800.000 евра, на активности на здруженија на граѓани и на фондации.

Според огласот, објавен во весникот „Дневник“, грантовите се поделени во две категории.

Грантови во износ од 1.845.000 денари (30.000 евра) до 3.075.000 денари (50.000 евра) или вкупно 36,9 милиони денари или 600.000 евра ќе се доделат на проекти за борба против корупцијата, владеење на правото, демократија, човекови права, добро владеење, социјална кохезија и локална самоуправа. Освен за вакви, Владата ќе доделува грантови и за проекти од областа на здравството и здравиот начин на живот, економски развој, одржлив развој, рурален развој, култура и традиции, потоа проекти за млади, семејство и семејни вредности, како и за евроинтеграции, нови технологии, социјални медиуми, нови медиуми и информатички технологии.

Втората категорија, за која се предвидени помали грантови од 5.000 до 10.000 евра, или вкупно 213.000 евра, се проекти за зголемување на економскиот пораст и на вработеноста, за интеграција на Македонија во Европската Унија и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, и за проекти за инвестирање во образованието, иновациите и во информатичката технологија.

Овој оглас практично пред три месеци го најави поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во „мегаинтервјуто“ за интернет-изданието на неделникот „Република“.

– Секоја влада во секоја држава одвојува посериозни средства за граѓанскиот сектор, без притоа да влијае на неговата работа. Кај нас, потфрливме на тој план, и тоа е секако првата, а би рекол и најважна мерка во планот за десоросиозација на општеството како што кажавме во нашиот предлог. Мора да се најдат средства, да се помогне да се развие независен граѓански сектор во Македонија. Не смее граѓанскиот сектор во иднина да остане само во рацете на Сорос и на странски влади – изјави Груевски во интервјуто.

Огласот на Владата за финансирање на граѓански здруженија и фондации доаѓа и три и пол месеци по говорот на Груевски на протестот пред Државната изборна комисија, од каде го објави прогласот на партијата и најави „десоросоизација“ на невладиниот сектор во земјава.

– Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија и за зајакнување на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот – рече тогаш Груевски.

Инаку, огласот доаѓа и во време на влада чии овластувања се доведени под знакот на сомнеж, бидејќи е предводена од технички премиер, кој како и дел од министрите истовремено се и во извршната власт и се пратеници во Собранието на Република Македонија.


ЕБОР и НЛБ ќе ги поддржуваат жените претприемачи со 300.000 евра


Скопје, 25 јануари, 2017 - 13:58 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Нова љубљанска банка (НЛБ), потпишаa договор за поддршка на жените претприемачи во Македонија.

ЕБОР ќе обезбеди три милиони евра кредит на НЛБ, за финансирање на мали и средни претпријатија, управувани од жени.

Програмата е креирана за промовирање на претприемништвото кај жените, помагајќи им на малите и на средните претпријатија (МСП) управувани од жени, во пристапот до финансии и до советодавни услуги, овозможувајќи им да остварат пораст во работењето.

Програмата комбинира финансирање, техничка поддршка и деловни советодавни услуги за поддршка на МСП управувани од жени. Tехничката помош и советодавните услуги се кофинансирани од владите на Луксембург и на Шведска.

„Оваа програма е особено значајна бидејќи им овозможува на нашите клиентки пристап до кредити во износ до 300.000 евра за финансирање на основни средства, но и на средства за тековно работење, по многу поволни услови, со рок на отплата до пет години. Воедно, нуди нефинансиска поддршка, преку советодавни услуги за изработка на бизнис-стратегија, маркетинг, сметководство и информатичка технологија,“ изјави претседателот на управниот одбор на НЛБ, Антонио Аргир.

ЕБОР реализира проекти во Македонија од 1993 година и досега има инвестирано повеќе од 1,6 милијарда евра, во повеќе од 100 проекти во земјата.


Рокот за барања за субвенции за млеко е до 30 јуни


Скопје, 15 јуни, 2016 - 12:14 (META) 

Рокот за поднесување барања за директни плаќања за произведено и за предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од јануари до април е до денеска, како и од 25 јуни до 30 јуни, инфромираше Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Висината на поддршката изнесува 3,5 денари по литар, а барањата се поднесуваат електронски во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

До денеска, како и од 25 јуни до 30 јуни, завршува и рокот за поднесување барања за субвенции за несилки внесени во капацитет за производство на јајца во период од јануари до април. Висината на субвенцијата е 100 денари, а барањата се поднесуваат во писарницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, лично или по пошта.

Од Агенцијата потсетуваат дека рокот за поднесување барање за мерките по површина и грло добиток завршува на 30 јуни.