Нов повик за аплицирање за финансиска помош за студенти за меѓуградски превоз

Пријавуваањето е само електронски преку порталот „е-услуги“, а студентите на кои ова право ќе им биде одобрено, до јуни ќе добиваат до 1.200 денари на месечно ниво

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Од денеска па сè до четврток, 11 јануари, во тек е нов повик за аплицирање за финансиска поддршка за меѓуградски превоз за студенти.

Пријавувањето е само електронски преку порталот „е-услуги“, а студентите на кои ова право ќе им биде одобрено, до јуни ќе добиваат до 1.200 денари на месечно ниво – средства наменети за покривање на дел од трошоците за превоз од местото на живеење до местото на студирање и обратно.

Потребно е студентите да прикачат потврда за редовен студент на државен универзитет; уверение за државјанство; лична карта или друг документ за идентификација; трансакциска сметка и доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање. Како доказ се доставува фотографија од месечен билет, фискална сметка или „принтскрин“ од цените објавени на веб-страницата на превозникот.

За студентите кои не се пријавиле или не ги исполниле условите за добивање на финансиска поддршка на претходните повици, Министерството за образование и наука, секој месец ќе објавува повик, најдоцна до петтиот ден во месецот. Секој од повиците ќе трае седум дена од денот на објавувањето.