Фото: Кабинетот на претседателот Пендаровски

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на отворањето на изложбата „Жени во занаетчиство“ што се одржува во Кабинетот на претседателот.

Во своето обраќање пред присутните на настанот, сопругата на претседателот истакна дека е чест и инспирација да се биде денес меѓу сите овие жени занаетчики и да се види нивната уметност, креативност и вештини.

Фото: Кабинетот на претседателот Пендаровски

„Жената несомнено е клучен двигател на општествените процеси во сите сегменти, така што и женското претприемништво се препознава како значаен фактор за економскиот развој на земјата. Учеството на жените во бизнис активностите ги трансформира квалитетот и структурата на работната сила и општеството во целина“, истакна Ѓоргиевска, додавајќи дека промоцијата на занаетчиството е фактор за економски развој, за зачувување на традицијата и културата на нашата земја.

Истакнувајќи дека она што им недостасува на жените е финансиска поддршка, дополнителна едукација, како и добар маркетинг за пласирање на нивните производи на домашниот и странскиот пазар, Ѓоргиевска рече дека токму затоа, денес ја потенцираме улогата на жената занаетчика како клучен економски двигател, но и како промотор на културата.

Фото: Кабинетот на претседателот Пендаровски

„Од овие причини, ќе продолжиме заедно да работиме на економско заживување на овој сектор, популаризација на можностите на ова занимање и стимулирање на младите и жените да започнат сопствени бизниси, со цел економско јакнење на жените и поголема родова еднаквост во државата“, нагласи Ѓоргиевска.

На отворањето на изложбата се обратија министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, извршниот директор на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска и директорката на Занаетчиската Комора, Скопје, Анета Атанасовска.

Изложбата се организира во соработка со Центарот за управување со промени, по повод Деновите на занаетчиство и е во рамки на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ поддржан од УСАИД и БТД.

Фото: Кабинетот на претседателот Пендаровски

На изложбата што ќе биде отворена од 16 до 18 мај, посетителите ќе имаат можност да ги разгледаат изработките на триесетина вредни и креативни жени занаетчики. Целта на овој настан е да се пренесе пораката за значењето и придонесот на жените занаетчики во одржување на традиционалните занаети, зачувување на културното богатство и поттикнување на економскиот развој на земјата.