И по пласманот на светскиот „Турнир на шампиони“ не добивме поддршка од властите, велат ученици од Скопје

Теа, Соња и Гала (од лево кон десно) / фото: Соња Ивковиќ / Лична архива

Учеството на светскиот „Турнир на шампиони“ што секоја година се одржува при Универзитетот „Јеил“ во САД е прилика што ја уживаат ученици ширум светот коишто посветено работат на повеќе научни области, дебатираат и се подготвуваат за колаборативно пишување и заедничко излагање со точно дефинирани тези.

Соња, Теа и Гала од Општинското основно училиште „Братство“ – Карпош формираат еден од петте тимови кои годинава гордо ја претставуваа земјава на меѓународниот натпревар по знаење и критичко мислење „Светски куп на научници-ученици“ што се одржа во Прага, Чешка по што обезбедија пласман на претстојниот „Турнир на шампиони“.

Фото: Соња Ивковиќ / Лична архива

Покрај тоа што за да се стигне до таму потребни се исклучително знаење и подготвеност во многу области, потребни се и финансии што ќе покријат патни трошоци, сместување и храна за учесниците.

Натпреварите функционираат по принцип што тимовите сами ги обезбедуваат потребните средства. Иако ја претставуваат Македонија пред учесници од целиот свет, оваа година ученичките тимови не добиле никаква системска поддршка од земјава за охрабрување на нивните достигнувања.

„Ниту државата, ниту градот ниту пак некоја друга институција нѝ има помогнато за било кој од досегашните натпревари. Сите трошоци ги покрија нашите родители, на кои сме им многу благодарни“, вели Соња Ивковиќ, деветтоодделенка во ООУ „Братство“.

Истото го забележува и Теа Соколовска, а додава дека по завршувањето на Глобалната рунда во Прага, единствено градоначалникот на Општина Карпош им приложил симболична помош.

„Општината Карпош и Градоначалникот Стевче Јакимовски нѐ информираа дека ќе ни доделат симболична парична награда, којашто сепак многу ја цениме, пред сѐ поради тоа што претставува признание за нашите достигнувања“, истакнува таа.

Освен нивниот тим, како што претходно пишуваше Мета.мк, за учество на Турнирот се квалификуваа уште две групи ученици од скопското училиште ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и Колеџот „Јахја Кемал“.

Највисоко пласиран тим од Северна Македонија беше тимот означен со бр. 249 од ООУ „Ј. Х. Песталоци“, составен од Лина Јанеку, Срна Поповска и Дамјан Стојановски. По тој повод, тројцата ученици беа поканети на разговор кај од градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски. Тој при средбата изјави дека се гордее со нив и им посакува голем успех, а воедно им благодари „што се вистински амбасадори и ја промовираат државата истакнувајќи ги своите квалитети“.

Дел од патните трошоци за Прага за една од менторите на овој тим беа покриени со грант од Општина Центар, но како што изјавија родителите, за да се обезбеди целосна транспарентност и овозможување учество на сите деца кои со својот труд ќе се квалификуваат, потребно е да се обезбеди системска поддршка.

Квалификацијата на „Турнирот на шампиони“ се постигнува со поминување на т.н глобални дебатни рунди, во годинешниот случај натпреварот во Прага што се одржа во периодот од 18 до 23 август.

Македонските екипи таму се натпреваруваа против повеќе од 400 дебатери од 18 држави во светот. За да го заслужат своето место најпрво на Глобалната рунда, а сега веќе да се меѓу 20-те најдобри тимови за пласманот на светскиот турнир, сите учесници требало да поминат тестови и локални дебатни сесии.

„Тестот што сите дебатери требаат да го полагаат ги соедини сите предмети: историја, наука и технологија, литература и медиуми, социјални студии, уметност и музика и социологија. Истиот се состои од 120 прашања и штом се вкупно шест предмети, значи дека има околу 20 прашања за секој предмет“, раскажува Ивковиќ.

Фото: Соња Ивковиќ / Лична архива

Ученичките нѝ раскажуваа дека подготовките за овие натпревари опфатиле проширување на нивните знаења во теми од природни науки, психологија, а меѓу нив постојано вежбале и со правење квизови и тестови, дебатирање и пишување есеи.

„Почнавме да се подготвуваме уште од мај на начин што еднаш неделно имавме по еден приватен час со искусен наставник што ги познава критериумите и барањата на овие натпревари“, вели Соколовска.

Освен ваквите часови, како што велат ученичките, често имале и дискусии и дебатни со други тимови, како и посебни домашни задачи за вежбање.

„Нашиот ментор е професорот Цветанка Томевска која предава во приватното училиште ‘Јахја Кемал’ во Карпош. Без нејзината поддршка, ориентација, предавање и помош ние не би можеле толку да постигнеме. Таа за секои од настаните што се во натпреварот ни има помогнато со спремање поради тоа ние сме ѝ и повеќе од благодарни“, споделува Соња.

„Во свет како денешниот, дури и своите желби се потценети и тоа поради очекувањата од економската и финансиската ситуацијата на народот“ – Соња Ивковиќ, ооу „Братство“

И двете девојчиња раскажуваат дека нивните цели во животот се постојана работа и влог во себе си, за како што велат постојано подобрување на нивните знаења, а пред сѐ и личност.

„За 10 години се гледам како човек со комплетирано високо образование и со голем ентузијазам и желба да помогне во решавање на секојдневните предизвици за подобра сегашност и иднина. Верувам дека вложувањето во себе и едукацијата е најважниот влог кон кој секој млад човек треба да цели“, вели Теа.

Соња вели дека денес никој не може да наведе само еден одговор за својата кариерна слика во иднина.

„Едниот одговор е кариерата од нашите соништа, додека другиот одговор е кариерата што обезбедува повеќе пари. Во свет како денешниот, дури и своите желби се потценети поради очекувањата од економската и финансиската ситуацијата на народот. Се мисли дека една професија треба да има помалку почит од другата и поради тоа понекогаш е тешко да се одлучи за иднината бидејќи сите сакаат да се здобијат со чувство на припадност во околината“, вели таа.

Овие два светли ума, што гордо ја претставуваат земјава во светот и тоа со излагања на англиски јазик, покажувајќи ги своите вештини во многу различни области, досега немаа никаква финансиска поддршка за истото од страна на надлежните институции.

Покрај тоа, како што велат тие, сѐ уште не им е навестена ниту најава за поддршка и за претстојниот голем и светски натпревар „Турнир на шампиони“ што треба да се одржи од 11 до 14 ноември во Универзитетот „Јеил“.