fbpx

Помош од 80 милиони евра од ЕУ за земјава за справување со енергетската криза

-

Република Северна Македонија доби 80 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија, а парите ќе им помогнат на граѓаните да се справат со барањата кои се појавија како резултат на енергетската криза, изјави денеска евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир.

На денешната прес-конференција зборуваа премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата на која учествуваа и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министрите-за финансии Фатмир Бесими, економија Крешник Бектеши и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, истакна дека во фокус на поддршката од ЕУ за Северна Македонија е да се заштитат граѓаните.

„Минатиот октомври, претседателката на Европската Комисија фон дер Лајен вети овде во Скопје дека ЕУ ќе и обезбеди на Северна Македонија 80 милиони евра за справување со енергетската криза. Сега го испорачавме тоа. Оваа поддршка ќе им помогне на граѓаните да се справат со барањата кои се појавија како резултат на енергетската криза. Ова значи да им се помогне на сите домаќинства да ги задоволат нивните основни енергетски потреби. Особено оние најранливите“, рече Гир.

Тоа значи, според него, одржување и работа на училиштата и болниците, како и помош на малите бизниси да обезбедат производство на основни прехранбени продукти.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека Владата спречила ценовен шок, дека овозможила стабилно снабдување со електрична енергија, го зголемила производство од домашните капацитети и осигурала стабилност на цената на струјата.

„Грантот од 80 милиони евра е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“, рече Ковачевски.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека ЕУ е најголем партнер на С. Македонија кој прв застанува до земјата во тешки времиња.

„Со овие неповратни средства ќе се поддржат и структурните реформи за олеснување на енергетската транзиција“, посочи вицепремиерот и национален ИПА координатор Маричиќ, додавајќи дека преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан изминатиов период успеале да добиеме над 52 милиони евра неповратни средства за проекти во областа на енергетиката.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека грантот од 80 милиони евра е потврда за исправноста на политиките што ги спроведува Владата на нашиот европски пат и во справување со кризата.

Тој кажа дека за да се заштитат потрошувачите и нивниот животен стандард од директното влијание на растот на цените на енергенсите и прехранбените производи, Министерството за економија подготвило Национален енергетски акциски план на Северна Македонија за 2022-2023 година за справување со енергетската криза.

„Тој акциски план предвидува пари за воведување на буџетско субвенционирање на домашните компании, пред сé за обезбедувањето на јавните дејности, водоснабдување, здравство и образование како и за непречено снабдување со храна, млеко и останати дејности во интерес на сите граѓани. Покрај тоа, вклучува мерки за поддршка на граѓаните при справување со зголемените цени на енергенсите“, рече тој.

Министерката Тренчевска, пак, истакна дека како дел од последниот пакет на владини мерки, Министерството за труд и социјална политика веќе три месеци обезбедува финансиска поддршка за справување со енергетската криза на ранливите односно социјално исклучените граѓани.

„Финансиската поддршка се обезбедува за период од четири месеци на над 177.000 социјално исклучени граѓани, вклучително и деца, лица кои останале без работа и користат паричен надоместок за невработеност и корисници на минимална пензија“, рече таа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...