Повикот за финансиска поддршка за учениците истекува денес, студентите имаат рок до утре

Заинтересираните студенти, на повикот за финансиски надомест за покривање на дел од трошоците за меѓуградски превоз, се пријавуваат електронски, преку порталот „е-услуги“ на МОН, најдоцна до утре

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

До денес (недела, 24 декември) трае рокот за пријавување на јавниот повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето-плата од  до 50.000 денари.

Начинот на пријава е опишан во повикот објавен од страна на Министерството за образование и наука (МОН), кое обезбеди и одговори на најчесто поставуваните прашања за оваа мерка.

За студентите пак, кои аплицираат за финансиски надомест за покривање на дел од трошоците за меѓуградски превоз, рокот е до утре (понеделник, 25 декември).

Студентите на овој повик се пријавуваат електронски, преку порталот „е-услуги“ на МОН.

Заинтересираните кандидати треба да прикачат пријава за редовен студент на државен универзитет, уверение за државјанство, лична карта или друг документ за идентификација, трансакциска сметка и доказ за висина на месечниот билет за меѓуградски превоз од местото на живеење до местото на студирање. Како доказ, велат од МОН, може да се достави фотографија од месечен билет, фискална сметка или „принтскрин“ од цените објавени на веб страницата на превозникот.