!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Раководството и сопственикот на Фабрика за кабли Неготино добија кривични пријави


Неготино, 14 јануари, 2018 - 14:45 (META) 

Полициската станица Неготино поднела кривична пријава против Г.Х. (47),генерален директор на АД „ФКН“ (Фабрика за кабли Неготино), против Ј.Ј. (37) претседателот  на одборот на директори на АД „ФКН“, против двајца членови на одборот на директори на АД „ФКН“, сите од Република Бугарија, како и против Љ.К. (61) од Велес, исто така член на одборот на директори.

Тие се товарат за злуопотреба на службената положба и овластување, но и за намерно предизвикување стечај, како и за оштетување или повластување на доверители и за фалсификување службена исправа. Како што наведува неготинската полиција, малверзациите биле со цел да се префрли имотот и сопственоста на АД ФКН врз друга фирма од Бугарија.

Кривични пријави за помагање добиле уште двајца Бугари, односно Ј.С. (41), сопственик и управител на ФКН ДООЕЛ Неготино и С.С. сопственик и управител на “Мега Ел ООД“ Софија, која е мнозински акционер во АД „ФКН. Нив полицијата ги товари за помагање во извршување на кривично дело.

Според пријавата, раководителите на АД ФКН во 2007 ја задолжиле фабриката кај една банка и под хипотека го ставиле целиот движен и недвижен имот, при што во спогодба со банката е наведена помала вредност на тој имот. Потоа во повеќе наврати од 2007 до 2010 година со двајцата сопственици и управители на другите фирми вршеле зделки со долгот, без одобрение од Собрание на акционери на АД „ФКН“ Неготино.

Раководството на Фабриката за кабли се товари и дека на ФКН ДООЕЛ му ги отстапиле сите договори, лиценци и сертификати за производство, со намера да го префрлат целокупниот имот во сопственост на „ФКН“ ДООЕЛ.

На овој начин АД „ФКН“ Неготино станало трајно неспособно да ги извршува обврските кон другите доверители и со тоа извршиле оштетување на останатите доверители, акционери и на Република Македонија за износ од 847.217.663 денари, вели полицијата.


ВМРО-ДПМНЕ: СДС направи преседани во правото и создаде нова криза


Скопје, 6 мај, 2017 - 10:18 (META) 

„Заев и СДС покрај политичката криза, ја турнаа Република Македонија и во правна криза. Создадоа правни преседани со кои во иднина се отвора можност за незаконско гласање на двојазичноста, двојазични банкноти и униформи, геноцид и сите други елементи од тиранската платформа, без притоа да се почитува волјата на граѓаните“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партија велат дека Заев и СДСМ четврти ден молчат за албанските знамиња во кабинетот на „нелегално избраниот од нивна страна претседател на Собранието, исто како што молчеа и стоеја кога се пееше химната на албанската држава во македонскиот законодавен дом“.

„Заев очигледно ужива кога го навредува Македонецот. Во ист ден ги прогласи Македонците и за Бугари и за Срби. Ваквите антимакедонски ставови на Заев беа пофалени од Божидар Димитров, кој рече дека Заев бил во право и дека Македонците се Бугари, а Струмица од каде што потекнува Заев е бугарски град“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Пустец ги отфрли амандманите за постоење Бугари во Албанија


Пустец, 28 февруари, 2017 - 21:12 (META) 

Советот на општина Пустец, во Мала Преспа, Република Албанија, на денешната седница едногласно донесе одлука за отфрлање на делот од извештајот напредокот за интеграција на Албанија во Европска Унија.

Во извештајот се споменува и се бара признавање на „бугарско“ малцинство и во региони во кои живеат етнички Македонци во Албанија.

Меѓу другото, во одлуката од Советот на општина Пустец, се укажува и на резултатите на последниот попис од 2011 година одржан во Албанија, каде во општина Пустец се декларирале околу 3.500 резидентни жители како Македонци и ниту еден како Бугарин.


ММДЧП ја осуди Резолуцијата на ЕП во која што се вели дека Македонците се „Бугари”


Чикаго, 18 февруари, 2017 - 10:59 (META) 

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) ја осуди и бара итно повлекување на Резолуцијата на Европскиот парламент со која се бара да се почитуваат правата на „бугарското население” во албанските региони, Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, каде што живеат Македонци.

„Дали Европскиот парламент е неинформиран, или е анти-македонски? Ова се двете единствени можни опции. При бесрамно прикажување на чиста лудост, Европскиот парламент усвои резолуција со која што од Албанија бараат да ги заштити правата на своето „бугарско“ малцинство и тоа во региони во кои што живее македонско население. Па уште и „препорачува, правата на лицата со бугарска националност во областите Преспа, Голо Брдо и Гора законски да се регулираат и спроведат во пракса.“ Европскиот парламент, со оваа ‘бескрајна мудрост’, само и помага на Бугарија во нејзината мисија да го искоренат постоењето на македонското малцинство и на се што е македонско“, велат од ММДЧП.

Од движењето велат дека без дилеми населението во тие области е македонско и дека тоа е факт прифатен од сите, вклучувајќи ги и бројните извештаи за човекови права од страна на Европскиот суд за човекови права, Европската комисија против расизам и нетолеранција, Обединетите нации, американскиот Стејт Департмент, како и меѓународните организации за човекови права.

ММДЧП ги повика европратениците кои што гласаа за резолуцијата да одат и да ги посетат Мала Преспа и Голо Брдо и да поразговараат со локалното население.


„Илинден“ го осудува именувањето на Македонците од Албанија како Бугари


Тирана, 16 февруари, 2017 - 9:59 (META) 

Македонско друштво „Илинден” од Тирана, заедно со огранокот за Голо Брдо, најостро го осудуваат Извештајот за напредокот на Албанија за членство во ЕУ, усвоен од Европскиот парламент, во делот каде што по предлог на бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, Македонците во областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора се наведуваат како Бугари.

„Македонско друштво „Илинден” од Тирана и Огранокот за Голо Брдо, повторуваат дека Бугари во Албанија и во регионите Преспа, Голо Брдо и Гора, нема. Потсетуваме дека на целата територија на Република Албанија, и посебно во регионите Преспа, Голо Брдо и Гора не живеат Бугари, туку само Македонци. Од Албанската и од Македонската влада бараме да испратат остар демарш до Брисел и Софија за нотификацијата на лажна бугарска историја во европските службени документи и за преименувањето на Македонците во Албанија за Бугари“ се вели во соопштението на Македонско друштво „Илинден”.

Етничките Македонци од Албанија, овој Извештај го оценија како груба повреда на меѓународното право, Универзалната декларација за човековите права и слободи и Повелбата на Обединети нации.

„Македонско друштво „Илинден” и Огранокот за Голо Брдо апелираат до Брисел за активни мерки против денационализаторската политика што веќе неколку години организирано ја води Софија со незаконско издавање на бугарски државјанства на Македонците во Албанија“, се додава во соопштението.


На Бугарите од Штип им пречи плоча од Втората светска војна


Штип, 14 февруари, 2017 - 16:39 (META) 

Здружението за Македонско – бугарско пријателство во писмо до Советот на Општината Штип, градоначалникот и Советот на родители од Основното училиште „Ванчо Прке“, бара да се тргне спомен плоча од ѕидот на штипското училиште.

Оваа плоча во 1983 година ја поставија борците од Сојузот на здруженија на борци од НОБ како сеќавање дека на местото каде сега е основно училиште, некогаш имало бугарски затвор.

„На ова место во злогласниот бугарски фашистички затвор масовно се затварани борци-комунисти од 1941 до 1944 година. Во него се измачувани, убивани и масакрирани повеќе борци од НОВ. Во знак на почит кон затворениците-борци за слобода на Македонија,“ пишува на плочата.

Петар Колев во писмото во име на здружението пишува дека плочата не одговара на фактите, а се повикува на тоа дека „комунистичкиот режим е објавен за злосторнички во сите источно-европски држави, вклучувајќи ја и Македонија, за што Собранието има донесено соодветна декларација.“

Тој е убеден дека содржината на таквиот текст кој пред се е исполнет со идеолошки предрасуди а не со факти, покажува недостиг на елементарно цивилизациско однесување“.

Дека содржината на плочата не е соодветна на овие времиња, како аргументи Колев нуди податок дека Бугарија му помогнала на Штип да изгради мултимедијален центар, донирала мост, (преку програмата за прекугранична соработка со ЕУ), а многу граѓани на Штип се и граѓани на Република Бугарија, но и многу се во процедура за добивање на државјанство.

Меѓутоа, на овие аргументи остро одговори претседателот на Советот на Општината Штип, Влатко Миташев, кој Колев го нарече минорна фигура, кој премногу романтичарски се занел во историјата.

– Непобитен факт е дека имало бугарски окупатор во Втората светска војна. Не мислам дека ние во денешно време се лутиме на Бугарија или имаме антибугарски ставови во односите меѓу двете држави и покрај тоа што имаме инциденти, како што беше ставот на последниот бугарски претседател, кој рече дека не ја сака македонштината, која ние си ја сакаме. Мислам дека не можеме да дозволиме бришење на колективната меморија, бидејќи ние уште имаме живи луѓе, кои се сведоци, кои го доживеале тоа. Не гледам дека е чин на добрососедски односи ако ние ги тргнеме спомените од минатото. По тој принцип треба да го тргнеме и споменикот на Холокаустот. Имаме еден таков во центарот на Штип. Тие ја признаа својата грешка и треба ли секој ден да ни се извинуваат за тоа?! – изјави Миташев.

Претседателот на штипскиот Совет смета дека иницијативата на Бугарите не е на место и поради фактот дека плочата е сеќавање на едно црно минато и дека децата треба да ги потсетува како сме дошле до своја држава.


Протест на друштвото „Илинден”: Во Албанија ниту имало, ниту има Бугари!


Тирана, 3 февруари, 2017 - 10:33 (META) 

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана, заедно со разгранокот за Голо Брдо, официјално протестираше, осудувајќи го барањето на бугарските европратеници, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, за признавање на „бугарско малцинство“ во Република Албанија.

„Македонско друштво „Илинден“ ги отфрла тврдењата на бугарските претставници во ЕП, дека во Албанија има Бугари, како груб фалсификат на историјата и на вистината. Во регионите Голо Брдо, Преспа, Гора, како и на цела територија на Република Албанија, ниту имало ниту има Бугари. Tака било и така и ќе остане“, се вели во соопштението.

Тие ги осудија и активностите на бугарската држава, во обидите, како што велат, за фалсификат на историјата.

„Бугарија, продавајќи бугарски пасоши на етничките Македонци, се обидува да „произведе“ Бугари во Албанија, кои ги нема. Бараме од албанската, но и од македонската влада, да го осудат овој чин на бугарските претставници во Европскиот парламент и да побараат Македонците од Албанија да не бидат злоупотребувани за стопирање на патот на Албанија кон интеграциските процеси во ЕУ“, се додава во соопштението.


„Илинден“: Bо областа Голо Брдо ниту имало ниту ќe има Бугари


Тирана, 23 март, 2016 - 15:50 (META) 

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, заедно со разгранокот за Голо Брдо, најостро ја осудува декларацијата на претседателството на патриотската асоцијација „Хазиз Лила“, објавена во весникот „Дибра“, со провокативен „Дали има Бугари во Голо Брдо“?

„Bо областа Голо Брдо и во цела Албанија ниту имало ниту ќe има Бугари. Така било, така и ќе остане“, реагираат од Македонското друштво „Илинден“.

– Крајно недолична и неодговорна е таа декларација и претставува груба навреда на достоинството на македонското национално малциство во Република Албанија. Поради недоличната изјава на претседателството на патриотска асоцијација „Хазиз Лила“, бараме безусловно да се извинат пред македонско национално малциство – се вели во денешното соопштене на Македонско друштво „Илинден“.

Од друштвото велат дека не е точно дека Македонци има само во Мала Преспа, а не и во Голо Брдо, Гора и низ цела Албанија. Тоа, според друштвото, е груб фалисфикат на историјата и на вистината.


Судан: Бунтовници киднапираа шест Бугари


Картум, 28 јануари, 2015 - 10:02 (META) 

Шест бугарски државјани се киднапирани во јужниот дел на Судан, откако хеликоптерот на бугарската авиокомпанија која врши летови за Светската програма за храна на Обединетите нации принудно слетал во реонот на суданскиот град Кадугли, соопшти бугарското МНР.

Одговорноста за киднапирањето ја презела групата Суданско народно ослободително движење – Север, која се бори против владините сили во регионот.

Претставници на Светската програма за храна веќе стапиле во контакт со бунтовниците и заедно со бугарското МНР се обидуваат да издејствуваат ослободување на заложниците.


Претседателот на БККС обвинува: Власта ги заплашува Бугарите во Македонија


Софија, 7 декември, 2014 - 16:01 (META) 

Бугарите во Македонија не се слободни граѓанин, тврди претседателот на Бугарски културен клуб – Скопје, Лазар Младенов, во интервју за бугарскиот весник „Труд“.

– Гонењето е придружна компонента на бугарштината. Не може да си Бугарин од Македонија и да си слободен граѓанин – вели Младенов.

Претседателот на БККС, во интервјуто открива дека постојано добива закани по животот.

– Заканите се дел од нашиот живот, почнувајќи од оние за ликвидација по атентатот врз Глигоров, до оние пред неколку дена, дека ме чека затвор – вели Младенов, додавајќи дека нивните активисти, вклучувајќи ја и неговата сопруга, добиле отказ затоа што се чувствуваат како Бугари.

Младенов открива дека за целата ситуација е информиран и известувачот на ЕУ за Македонија, Ричард Ховит, кому ми доставиле обемен извештај за сите регистрирани случаи на малтерирање Бугари во Македонија. Сепак, според претседателот на БККС, голем дел од случаите не се пријавени бидејќи луѓето се плашат од власта.