fbpx

Александар Николоски не признал дека ВМРО-ДПМНЕ е антизападна и против ЕУ

Очигледно е дека станува збор за монтирано видео, со цел да се оцрни најголемата опозициска партија

-

Не е вистина дека Николоски признал дека ВМРО-ДПМНЕ е антизападна и дека е против ЕУ, како што тврди оваа објава на Фејсбук. Очигледно е дека станува збор за монтирано видео, со цел да се оцрни најголемата опозициска партија. Доколку се слушне целосното интервју на Николоски, дадено за ТВ21, ќе се види дека тој зборува за наративот на власта која ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека е антизападна и против ЕУ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на Фејсбук во која се тврди дека потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски признал оти неговата партија е против Европската Унија. Ова не е точно.

ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВМРО-ДПМНЕ АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ ПРИЗНАВА ДЕКА СЕ ПРОТИВ ЕУ!, стои во објавата.

Објавата е придружена и со кратко видео во кое се слуша како Николоски вели:

Ние сме против Европска Унија, ние сме антизападни, најлогично е да се оди на брзи предвремени избори.

Зборовите „ние сме против ЕУ, ние сме антизападни“, се повторуваат неколкупати во видеото.

Веднаш се забележува дека станува збор за монтирано видео и за извадени исечоци од изјава на Николоски. Поради тоа, Вистиномер го побара оригиналното видео. Станува збор за интервју на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дадено за ТВ21 на 22.08.2023 година.

На видеото може да се слушне целосната изјава на Николоски во однос на уставните измени и членството во ЕУ ( од 4:44 до  6:56 минута).

На прашање на новинарот, дали ВМРО-ДПМНЕ би чувствувала вина ако не се усвојат уставните измени, бидејќи власта ги обвинува дека се против ЕУ и дека не ја поддржуваат европска иднина за државата, и дали би понудиле некое решение, Николоски одговара:

Владата има неколку, според мене, лошо платени пи-ар експерти коишто стигнале до втората лекција во однос на јавноста, тоа е обојување на наративот или на приказната на црно-бело. Едните се добри, другите се лоши, едните се за, другите се против, едните се напредни, другите се назадни, едните прозападни, другите проруски и т.н. Но, тоа не функционира… Проблем на државата е што тој наратив се форсира во јавноста, па сега владата била за Европска Унија, ние сме биле против Европска Унија, тие биле напредни, ние сме биле назадни, тие прозападни, ние сме антизападни. Во суштина сите знаат дека не е така, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе за ЕУ од владата затоа што не гледам ниедно европско однесување во оваа влада особено во делот криминал и корупција, нема ден да нема афера…

Очигледно е дека Николоски не признава оти ВМРО-ДПМНЕ е против ЕУ и дека е антизападна, туку говори за наративот, кој, според него, го употребува власта, обивнувајќи ја најголемата опозициска партија дека е против ЕУ.

Исто така, новинарот кој го водеше интервјуто, Јовица Пауновски во коментар под оваа објава на Фејсбук реагира дека видеото е монтирано:

Како уредник и водител на емисијата, чувствувам одговорност да потенцирам дека станува збор за МОНТИРАНО И ЛАЖНО видео. Гостинот во емисијата не ги искажа овие ставови! Жално е што поединци го уништуваат новинарството во слуга на партијата, а во јавноста се претставуваат како борци за лажни вести.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски досега во неколку наврати повторил дека партијата е против уставните измени „под бугарски диктат“,  но никогаш не кажал дека е против членството на државата во Европската Унија. Според Мицкоски, потребни се предвремени парламентарни избори, бидејќи Владата нема двотретинско мнозинство за изгласување на уставните измени со кои Бугарите и другите народи треба да се вклучат во Уставот, а кои се предуслов С Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ.

Мицкоски во неколку наврати има изјавено дека ВМРО-ДПМНЕ за решавање на ситуацијата од позиција на власт, ќе бара гаранции од Европската Унија со кои јасно ќе се потврди македонскиот многувековен идентитет, култура обичаи и јазик.

Дополнително, од Бугарија и од ЕУ би побарал реципроцитет во однос на малциските права, односно да се почитуваат пресудите на Судот во Стразбур и 14 пресуди во корист на македонската заедница во Бугарија. Но, никогаш не кажал дека партијата е против ЕУ.

Така што, не е вистина дека Николоски признал оти ВМРО-ДПМНЕ е антизападна и дека е против ЕУ, како што тврди оваа објава на Фејсбук. Очигледно е дека станува збор за монтирано видео, со цел да се оцрни најголемата опозициска партија. Доколку се слушне целосното интервју на Николоски, дадено за ТВ21, ќе се види дека тој зборува за наративот на власта која ја обвинува ВМРОД-ПМНЕ дека е антизападна и против ЕУ.

Оттука, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...