fbpx

Бугарскиот премиер Петков ги повтори трите барања, Вархеји се надева на решение до крајот на месецов

-

На заедничка прес-конференција во Софија со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, бугарскиот премиер Кирил Петков денеска се „спротивстави на лажните вести“ дека сака самостојно да го крене ветото за Северна Македонија и рече дека Бугарија има три услови за Северна Македонија. Вархеји пак рече дека Европската Комисија е фрустрирана од тоа што сè уште нема решение за спорот и оти се надева дека работата ќе се разреши до крајот на месецов.

Петков по кој знае кој пат рече дека ги смета за „лажни вести“ информациите што се шират дека планира тој самиот без консултации да го крене ветото за Северна Македонија и на прес-конференцијата рече дека Бугарија секогаш имала три услови за Скопје, извести бугарскиот новински сајт mediapool.bg

„Бидејќи и претпладнево и во последниве денови слушам неточни тврдења дека бугарската влада имала две надворешни политики и што уште не, сакам јасно да изјавам дека Бугарија има три јасни услови за да имаме напредок на темата за Северна Македонија. Прво, почитување на Рамковната позиција, којашто беше прифатена од бугарскиот парламент. Второ, вклучување на Бугарите во Северна Македонија во уставот на Северна Македонија, за да може нивните права да бидат заштитени. Трето, да се исполнува Договорот за добрососедство. Тоа беа нашите дискусии и претходно и сега и работиме заедно да видиме дали е можно ЕУ да биде гарант за тие три услови“, рече Петков, пренесува mediapool.bg.

Вархеји, пак рече оти Европската Комисија (ЕК) се надева да се постигне решение до средбата на европските лидери на крајот на месецов, кога е состанокот на Европскиот Совет.

„Сè уште нема решение, што многу нè фрустрира. Не сакаме да продолжиме понатаму во процесот на приклучување на Северна Македонија на ЕУ без сите земји-членки да го одобрат тоа. Сè уште ја очекувам поддршката на една земја, имено Бугарија и работиме на тоа со сите оние разговори што ги имав тука, како и во Скопје“, рече Вархеји.

Петков ги отфрли тврдењата на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, чија оставка на функцијата се очекува денеска, откако лидерот на нејзината партија „Има таков народ“, шоуменот Слави Трифонов, вчера објави дека ги повлекува неговите министри од владата и дека партијата се повлекува од владејачката коалиција. Генчовска во телевизиско гостување, инаку, рече дека постојат снимки од средби на Кирил Петков со европски дипломати на темата Северна Македонија, пренесува mediapool.bg.

„На тие средби е разговарано како да се заобиколи ветото за Бугарија за Република Северна Македонија“, рече Генчовска за бугарската телевизија со национална концесија бТВ.

Вчера Кирил Петков порача дека на преговарачката маса со Скопје има предлог според кој Северна Македонија ќе го смени уставот и во него ќе бидат внесени Бугарите заедно со останатите националности, пред земјава да ги почне преговорите за зачленување во ЕУ и дека Унијата ќе биде гарантот за тоа.

Бугарија е во политичка криза од вчера, кога Трифонов објави повлекување од четири-партитната владејачка коалиција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изложба „Уметници и бегалци“ во Чифте Амам

Изложбата „Уметници и бегалци“ ќе се отвори во вторник (2 aприл) во Националната галерија Чифте Амам во скопската чаршија. Делата на изложбата се инспирирани од сведоштва кои биле директно раскажани...