Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе биде претседател на работната група за уставните измени. Бајрам Положани, поранешен судија во Уставниот суд и професор по уставно право, ќе биде заменик-претседател. Вака едногласно изгласале денеска членовите на работната група за уставните измени кои денеска ја имаа првата работна средба.
Инаку, откако ќе се подготват уставните измени, предлогот треба да ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно, како што најавија од Министерството за правда, ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови. Неизвесно е како би се поминал сиот овој процес без поддршка од опозициските партии во Собранието.
Пендаровски: Државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите, заедно со другите шест, седум народи во Уставот
Претседателот Стево Пендаровски денеска потврди тој преку својот претставник учествува во работната група за уставните измени и оти со тоа јасно го кажува неговиот политички став, дека е за промена на Уставот со внесувањето на Бугарите во него.
„Јас учествувам преку мој претставник и со тоа јасно го кажувам мојот политички став, дека сум за тие уставни измени, сметам дека тие не се нешто страшно за нас и сметам дека државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите, заедно со другите шест, седум народи, рече шефот на државата“, рече Пендаровски.
Тој вели дека работната група треба да ја утврди динамиката на работа, колку состаноци се потребни, да се утврди редот во работата.
„Јас се надевам со оглед на тоа што е обврска, која ја знае генералната јавност и сите ние ја знаеме дека тука објективно нема многу работа. Не знам колку седници ќе им требаат, но факт е дека е добро што почнува таа постапка и добро е што ќе се одвива пред очите на јавноста, тука нема скриени агенди, некој да не се плаше дека ќе се направи нешто надвор од она што е веќе воведено во Преамбулата и во нормативниот дел на Уставот за сите останати етнички заедници. Разлика нема да има за Бугарите се разбира“, нагласи претседателот на државата.
Од партиите, СДСМ ја кандидираше Цветанка Иванова, предлог на ДУИ е Арбер Адеми, Алијанса на Албанците се одлучи за Ремзи Мехмеди, НСДП ќе биде застапена во работната група преку Соња Мираковска, а Нано Ружин е номиниран од страна на ЛДП. ДОМ за свој член во комисијата ја предлага Христа Најданов, а Темелко Ристески ќе учествува како претставник на Партијата на пензионери. Раметула Куќи е предлогот на ДПА, Еран Куртиш на Партијата за движење на Турците, а Бејџан Илјас- на Демократска партија на Турците.
Понатаму, во работната група е Александар Спасов, од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерство за надворешни работи.