Попов: Србија во Македонија игра во корист на Русија


       
Белград, 26 септември, 2018 - 13:48 (META) 

Директорот на новосадскиот Центар за регионализам, Александар Попов, денеска изјави дека Србија се однесува обратно од здравиот разум и на испраќа порака во добар правец кога е во прашање претстојниот референдум во Македонија, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

– На Србија како соседна земја, би требало да и биде во интерес да имаме стабилни односи во регионот, а сигурно е дека постигнувањето на договор помеѓу Грција и Македонија е еден значаен чекор во тој правец. Однесувањето на Србија е обратно од здравиот разум, затоа што Србија би требала да се радува на нормализирањето на односите во регионот – изјави Попов за агенцијата „Бета“.

Попов вели дека официјална Србија ја испратила првата „лоша порака“ кога Зоран Заев дошол на власт, затоа што Српската напредна партија (СНС) имала многу добар однос со претходната власт, која ја предводела десничарската ВМРО-ДПМНЕ.

– Очигледно е дека оваа гарнитура во Македонија не и е блиска и не и е по вкус на СНС. За разлика од многу други земји, Србија не го честиташе постигнувањето на договорот помеѓу Ципрас и Заев за името на државата. Потоа, имавме случај кога без објаснување беше повлечен целиот персонал на српската амбасада од Скопје – изјави Попов.

Тој оценува дека е очигледно дека договорот помеѓу Грција и Македонија „ги фрли во сенка“ преговорите помеѓу Белград и Приштина.

– Доколку референдумот во Македонија успее и таа зачекори на сигурен европски пат и на пат кон членство во НАТО, тогаш тоа би било пример за државничко однесува на едната и другата страна, со што на маргините би останала приказната за договорот помеѓу Вучиќ и Тачи. До сега, Вучиќ важеше за шампион на мирот на овие простори во некои меѓународни центри и организации, а сега таа титула би му припаднала на Заев – вели Попов.

Попов вели дека ни најавата за именување на поранешниот шеф на српската тајна служба Раде Булатовиќ за амбасадор во Македонија не е порака во добар правец. Додаде дека не се без основа ни оцените дека Србија во Македонија игра во корист на Русија, на која нe и е во интерес Македонија да стане членка на НАТО. Како уште една димензија на проблемот во односот на Србија спрема Македонија, Попов го наведе и отпорот на Српската православна црква кон автокефалноста на Македонската православна црква додавајќи дека е неприфатлива тоа да се прелева и на меѓудржавните односи.