!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Советот на ААВМУ едногласно го отфрли барањето да се одземе лиценцата на ТВ „24 Вести“


       
Скопје, 5 декември, 2017 - 15:40 (META) 

Едногласно, иако претходно имаше одредени дилеми кај некои членови, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешната седница го одби барањето од „Канал 77“ да се одземе лиценцата на телевизијата „24 Вести“.

Прифаќајќи ја информацијата од стручните служби, Советот го отфрли барањето на предлагачот, чиј идентитет се криеше до самиот крај на решавањето за оваа точка од дневниот, а во однос на дилемите на некои членови, директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, појасни дека стручните служби веднаш ќе извршат проверка дали постои поврзаност на телевизијата „24 Вести“ со фирма од Австрија што врши радиодифузна дејност, со што би се создала недозволена медиумска концентрација.

Во дискусијата, пред да се пристапи кон гласањето, и Трајчевски и претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, појаснија дека во однос на барањето за одземање на лиценцата, не е можно тоа да се стори затоа што дури и да постои недозволена медиумска концентрација, првин се дава долг рок на радиодифузерот да го отстрани проблемот, а дури потоа може да се одземе лиценца.

– Ако денешната информација биде прифатена, не значи дека Агенцијата во иднина нема да истражува за сопственичката структура. Ние тоа го правиме редовно за секој медиум. Но, ако имаме основа за сомневања, ќе се почне постапка за недозволена медиумска концентрација, а не за одземање лиценца. Ние пред две години имавме постапка кај истиот што е предлагач и му дадовме рок да го реши тоа – рече Трајчевски.

На самиот крај, пред гласањето, на претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, му се испушти дека „Канал 77“ стои зад барањето да се одземе лиценцата на „24 Вести“.

Инаку, расправајќи по претходна точка, Советот не дозволи промена на сопственичката структура на телевизијата.

Ако тоа се одобри, како што кажаа од стручната служба, би се создала недозволена медиумска концентрација зашто физичкото лице од барањето да стане и единствен основач и управител на телевизијата „24 Вести“ е директен роднина на сопственикот на оператор што реемитува програми, односно кабелскиот оператор „Телекабел“.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.