Според мониторингот на АВМУ засега телевизиите не го прекршуваат Изборниот законик

Од АВМУ велат дека на деветте мониторирани телевизии ретко забележале прилози со партиски предизборни ветувања, а често имало критики за, како што велат, „последиците од недоволно обмислени, лошо менаџирани политики на претходната и на одредени структурни делови од составот на преодната Влада“

-

Мониторингот на медиумите во предизборието кој го врши АВМУ, покажал дека во периодот од 15 февруари до 7 март 2024 година немало прекршување на Изборниот законик.

Како што велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со мониторингот биле опфатени девет национални телевизии – МРТ1, МРТ2, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М и ТВ 24 Вести.

Тие ги анализирале прилозите во централните изданија на вестите/ТВ дневникот, поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, но и други „видови емисии од овој тематски делокруг“.

„Наодите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик“, соопшти АВМУ.

Од таму додаваат дека на овие телевизии ретко забележале прилози со партиски предизборни ветувања, а често имало критики за, како што велат, „последиците од недоволно обмислени, лошо менаџирани политики на претходната и на одредени структурни делови од составот на преодната Влада“.

Понатаму се додава оти АВМУ забележала различни степени новинарска критичка зрелост во односот кон „псевдонастаните“ во предизборието. Овие „псевдонастани“ од АВМУ ги окарактеризираат „како активен облик на самопромоција“ на партиите и некои функционери во Владата.

„Без исклучок – сите информативни редакции, доминантно покажаа интерес за темите поврзани со административните лавиринти за замена на документите за лична идентификација, каскадната одговорност за системска негрижа околу пациенти со ретки и/или со тешки заболувања, и навредливата реторика и политичката некултура во комуникацијата меѓу некогашни носители на јавни функции и медиумските работници“, се вели во објавениот извештај на АВМУ.

Тие додаваат дека информации за лицата со сетилна попреченост, од телевизиите кои биле под мониторинг, единствено обезбедиле МРТ 1 и ТВ 24 Вести.

Извештајот од мониторингот на медиумското претставување за периодот од 15 февруари до 7 март 2024 година е достапен на линкот.

Суета и политика – власта заборава каква била во опозиција

Премиерот Мицкоски е сигурно во право кога апелира до опозицијата на отстранување на суетите во политиката при носење јавни оценки за политиките на власта, но е недоследен во својот...