!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СЈО: Не ги коментираме изјавите на Груевски, очекуваме да ни се продолжи мандатот


       
Скопје, 10 јануари, 2017 - 16:45 (META) 

Специјалното јавно обвинителство не сака да ги коментира „политичките“ изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање на новата влада, Никола Груевски, кој во интервју за „Дневник“ категорично вели дека неговата партија нема да поддржи продолжување на мандатот на СЈО.

„Повеќепати имаме истакнато дека не коментираме политички изјави. Што се однесува до Вашето второ прашање, нашите очекувања се следни: продолжување на мандатот и изгласување на законот за заштитени сведоци“, стои во одговорот на СЈО на нашите прашања „кој е ставот на СЈО и како ги коментираат изјавите на Никола Груевски?“ и „кои се очекувањата на СЈО од новиот состав на Собранието?“.

Груевски во интервјуто за „Дневник“, објавено вчера, недвосмислено вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи на продолжување на рокот на СЈО, дека „од авион се гледа дека обвинителството работи под сугестија на некои амбасади и очигледно е дека некому надвор му треба СЈО за продолжување на кризата во Македонија и за држење во заложништво на една политичка партија во Македонија“, како и дека „со пролонгирање на роковите за СЈО, со сигурност ќе се пролонгира кризата“.

Од Европската комисија, во врска со изјавата на Груевски, за „Мета“ велат дека, покрај брзо формирање на нова широка владина коалиција, Брисел очекува и целосно овозможување на сите услови за работа на СЈО.

– Европската Унија се надева на брзо формирање на нова широка владина коалиција и ја очекува нејзината програма. Континуираната примена на сите делови од Договорот од Пржино и реформските приоритети се клучни во овој поглед. Специјалното јавно обвинителство е составен дел од Договорот од Пржино и мора да му се овозможат услови и да му се даде времето што му е потребно за да ја заврши својата важна работа – рече портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, за „Мета“.