!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ЕУ очекува „брзо формирање на широка владина коалиција“ и поддршка за СЈО


       
Брисел, 9 јануари, 2017 - 19:12 (META) 

Брисел очекува брзо формирање на нова широка владина коалиција и целосно овозможување на сите услови за работа на СЈО, вели за „Мета“ портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека нема да се согласи на продолжување на мандатот на СЈО.

– Европската Унија се надева на брзо формирање на нова широка владина коалиција и ја очекува нејзината програма. Континуираната примена на сите делови од Договорот од Пржино и реформските приоритети се клучни во овој поглед. Специјалното јавно обвинителство е составен дел од Договорот од Пржино и мора да му се овозможат услови и да му се даде времето што му е потребно да ја заврши својата важна работа – вели Коцијанчич за „Мета“.

На прашањето што конкретно се мисли со терминот „широка владина коалиција“ (a new “broad-based” government) и кои сè партии би ја сочинувале, од Европската комсија не одговорија директно.

– Нема да шпекулираме со составот на новата влада. Ние очекуваме брзо формирање на нова влада со широка политичка поддршка, која ќе овозможи имплементирање на сите делови од Договорот од Пржино и на реформските приоритети – рече Коцијанчич.

Никола Груевски денеска од претседателот Ѓорге Иванов го доби мандатот за формирање влада.

Груевски во денешното интервју за дневниот весник „Дневник“ рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи на продолжување на рокот на СЈО и дека со пролонгирање на роковите за СЈО, со сигурност ќе се пролонгира кризата.

– Нема правни или суштински потреби за продолжување на тие 18 месеци на СЈО, туку има политички потреби на надворешни фактори заради остварување некои други нивни цели и интереси. Идејата за пролонгирање на 18-те месеци не потекнува од СЈО. Тоа го знам, не го претпоставувам. Од овие причини ние донесовме одлука дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи на продолжување на рокот на СЈО и тоа неколкупати го објавивме. Ниту, пак, оние две други барања поврзани со Законот за заштитните сведоци и со судско одделение за предметите на СЈО – рече Груевски.