!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Рашковски до ВМРО-ДПМНЕ: Тој што ви ја пишувал кривичната пријава е правно неписмен


       
Скопје, 9 септември, 2017 - 18:35 (META) 

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на својот фејсбук-профил одговори на потегот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која поднела кривична пријава против него поради злоупотреба на службената положба и овластување.

„Господа од ВМРО-ДПМНЕ, кој и да ви ја пишувал кривичната пријава е правно неписмен и треба да му се земе дипломата (ако ја има). Повелете краток час по кривично право од професорот“, напиша тој, наведувајќи повеќе образложенија.

Рашковски вели дека генералниот секретар не ги носи одлуките за назначување, туку Владата како колективен орган.

„Генералниот секретар дури и не учествува при гласањето. Џабе 11 години на власт кога не го знаете законот за влада“, напиша Рашковски.

Тој на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека доколку е донесено незаконско решение, треба да се оспори решението, а не да се тужи неговиот носител. Рашковски ги праша луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, доколку станувало збор за незаконски смени на директори, зошто не повеле постапки против решенијата.

„Доколку вашите директори беа незаконски сменети, зошто не поведоа постапка против решението за разрешување? Послатка им беше апанажата која брзаа да ја земат. Сите ваши директори поднесоа барање за апанажа“, пишува, меѓу другото, Рашковски.