!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Повеќе од три милиони севернокорејци се пријавиле во војска, тврди Пјонгјанг


       
Пјонгјанг, 12 август, 2017 - 11:24 (META) 

Северна Кореја денеска соопштила дека речиси три и пол милиони работници, членови на партијата и војници доброволно се пријавиле во народната војска за да пружат отпор на новите санкции на Обединетите нации и за да се борат против САД, како резултат на актуелните тензии помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон, јавуваат светските агенции.

Официјалниот весник на Северна Кореја, „Родонг Синмун“ пишува дека волонтерите се пријавиле да се приклучат или повторно да се вклучат во народната војска откако севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА) на почетокот на оваа недела соопшти дека Пјонгјанг ги осудува новите санкции поради ракетните проби.

Северна Кореја оваа недела се закани и дека ќе изврши ракетен напад на американскиот остров Гуам во Пацификот.

КЦНА во средата објави дека во Пјонгјанг се одржани масовни демонстрации во знак на поддршка на властите.

Во август 2015 година еден милион севернокорејци се пријавија во војска по експлозијата на мина во демилитаризираната зона помеѓу Северна и Јужна Кореја, што ги подигна тензиите меѓу двете земји.

Северна Кореја и во 2013 година се закануваше дека ќе ги нападне американските воени бази во Гуам и на Хаваи.