!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

„Потерниците“ за пратениците на СДСМ по урнек на „потерниците“ за Обама и за Кенеди


       
Скопје, 15 март, 2017 - 15:32 (META) 

Лажни потерници со ликовите на пратениците на СДСМ, Стево Пендаровски, Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, утрово беа излепени во неколку скопски населби.

Во нив овие пратеници на СДСМ се обвинуваат дека се предавници и дека прифатиле официјализирање на албанскиот јазик како втор службен јазик, двојазични банкноти и униформи, како и дека прифатиле редефинирање на државата како вовед во кантонизација и во федерализација.

„Потерниците“ се копија (и по дизајн и по текст) на тие што можат да се видат на интернет, како, на пример, за некогашниот американски претседател Џон Кенеди и доскорешниот станар на Белата куќа, Барак Обама.

Во онаа за Кенеди се вели „Ова лице се бара заради предавнички активности против Соединетите Држави“. На летокот се вели дека тој го предал уставот и суверенитетот на државата. Овие „потерници“ биле поставени низ Далас неколку дена пред убиството на Кенеди на 22 ноември 1963 година.

Слично како во „потерницата“ за Кенеди, и во таа за Обама се наведува дека тој го предал уставот и суверенитетот на државата, како и дека ја предал довербата на американските граѓани.