Оризопроизводителите од Кочанско денеска повторно на протест


       
Кочани, 29 март, 2016 - 11:13 (META) 

Производителите на ориз од Кочанско денеска повторно ќе протестираат, незадоволни од откупната цената на оризот. Тие еден час, односно од 11 до 12 часот ќе ја блокираат едната коловозна лента на патот Штип – Кочани, кај селото Облешево.

Производителите на ориз, незадоволни од понудената, бараат цена од 50 денари за бел ориз и 25 денари за оризова арпа, како што претходно ветило Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Јордан Манасиев од Здружението на производителите на ориз „Бело злато“ вели дека во петокот неуспешно завршиле двата одделни состаноци со ресорниот министер, Михаил Цветков.

– Делегација на производителите на ориз беа кај министерот, а таму биле и откупувачите, ама на одделен состанок. Откупувачите понудиле 40 денари за најквалитетниот бел ориз и 15 денари за арпа, што е неприфатливо за нас. Ако не интервенира министерството во откупот, ќе го радикализираме протестот – рече Манасиев.

Истовремено со претходниот протест кој се одржа пред десетина дена во Облешево, имаше и контра -протест на оризопроизводители, кои сметаат дека субвенциите и политиката на актуелната влада се доволно стимулативни. Притоа дојде и до тензии, но сè се заврши со вербални препукувања.

Манасиев вели дека и денеска не е исклучено да се појават контра – демонстранти.

– Очекуваме пак да има контра-протест. Навикнавме на такви работи од власта. Тие оризопроизводители можеби имаат наредба од власта и ние тука не можеме ништо. Ако решиле нека излезат на контра-протест – рече Манасиев.