!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Не Мухиќ, туку пратеникот Маноиловски од ДУИ може да ја закаже првата седница


       
Скопје, 21 декември, 2016 - 14:11 (META) 

Универзитетскиот професор Ферид Мухиќ, сепак, не е најстариот пратеник во новиот неофицијален собраниски состав, туку тоа е пратеникот од кандидатската листа на ДУИ, во шестата изборна единица, Бранко Маноиловски.

Според податоците што можат да се најдат на интернет, на „Википедија“ за Маноиловски, односно Бранко Манојловски како што е заведен таму, поради што настана и конфузија при проверката на новите пратеници, тој е роден на 19 август 1941 година во селото Кичинице, во горнореканскиот крај, и има 75 години. Професорот Ферид Мухиќ, пак, е две години помлад од Маноиловски, односно е роден во 1943 и има 73 години.

Ова значи дека доколку претседателот во заминување на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, од некоја причина одбие да го свика новиот собраниски состав, тогаш таа чест ќе му припадне не на Мухиќ од Колацијата предводена од СДСМ, туку на Бранко Маноиловски од ДУИ.

Инаку, и професорот Мухиќ, со кого денеска разговаравме телефонски, мислеше дека тој е највозрасниот пратеник во новото Собрание.

– Јас искрено се надевам дека Трајко Вељаноски ќе прифати и ќе ја свика седницата. Тоа не е некоја трајна и значајна функција, туку просто произлегува од деловникот на Собранието, според која ако претседателот во заминување не ја свика седницата, тоа да биде најстариот пратеник и доколку тоа биде случај, како најстар пратеник ја имам таа чест и ќе ја закажам – ни изјави Мухиќ.

Инаку, откако Управниот суд ја уважи тужбата на СДСМ и го поништи гласањето на избиричкото место 2011 во Теарце, на 25 декември, со одлука на Државната изборна комисија (ДИК), треба да има прегласување на ова гласачко место.

На почетокот на неделава, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, соопшти дека извршниот комитет на партијата донел одлука, меѓу другото, и да не учествува и да не ги признае резултатите од евентуалното прегласување.

Сепак, по прегласувањето, ДИК треба да излезе со конечните резултати од предвремените парламентарни избори, а тоа ќе биде најверојатно на средината од следната недела. На 31 декември, пак, треба да биде свикано новото собрание, односно најдоцна 20 дена од одржаните избори, кои во случајот беа на 11 декември.

Според членот 63 од Уставот, „конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав“ (Трајко Вељаноски, н.з.), а „доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите“, што во конкретниот случај би било на првиот ден од новата година.

Членот 9 од Деловникот на Собранието, околу свикувањето на конститутивната седница, вели дека доколку првата седница на Собранието не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник“, односно, во конкретниот случај, Бранко Маноиловски.

„Ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, (Ферид Мухиќ, н.з.) сè до избраниот пратеник што ќе се согласи да ја свика првата седница“, се додава во ставот 1 од членот 9 на Деловникот на Собранието.