This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Wed Nov 22 5:40:22 2017 / +0000 GMT

МРТ тоне во долгови, ЕБУ воведува санкции и забрани




„Македонската радио-телевизија“ веќе не може да ги користи услугите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) поради неплатен долг. Ова значи дека во опасност е целата програмска шема на националниот сервис. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за ПИНА вели дека не ги знаат вкупните долгови на телевизијата, па затоа е потребно да се направи комплетна ревизија на финансиското работење и ако имало злоупотреби, ќе има одговорност.

Автор: Милена Атанасоска-Манасиева - ПИНА
Визуелизации: Симона Атанасова - „Мета.мк“

Гледачите на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ) може наскоро да останат без европски спортски првенства, без „Евровизија“, странски програми, филмови и без странски документарци поради натрупан долг кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Извор од програмскиот совет на МРТ, кој сакаше да остане анонимен, за  ПИНА открива дека долгот надминува 500.000 евра. Ова можеби изгледа ситно во споредба со огромниот долг што националниот сервис го има натрупано низ годиниве, а кој е поголем од вкупните годишни приходи на телевизијата. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра. И додека доверителите засега не креваат прашина, од ЕБУ не седат со скрстени раце и подготвуваат санкции за телевизијата.

МРТ има долг поради кој се соочува со санкции од трето ниво, потврди за ПИНА Клер Рејнфорд, висок претставник за односи со јавноста од ЕБУ.
- За жал, „Македонската радио-телевизија“ веќе нема пристап до нашите сервиси сè додека не го плати долгот - вели Рејнфорд, која не ја откри сумата што ја должи националниот сервис.

Безуспешно се обидувавме да добиеме одговори за долгот на МРТ од директорот Марјан Цветковски. Според наши извори, конкретно, долгот кон ЕБУ се однесува за годишната членарина, но и за некои програмски права.

Според т.н. Кодекс за финансии, документ на ЕБУ, воведувањето санкции од трето ниво значи дека долгот е постар од 270 дена.

„Во случај на фактура која не е платена во рок од 270 дена од датумот на издавање, пристапот до сервисот ќе биде прекинат и извршниот одбор автоматски ќе побара препорака од Генералното собрание за целосно исклучување на членката од ЕБУ“, пишува во документот.

Нашиот соговорник од програмскиот совет на МРТ вели дека ваквото сценарио би било катастрофално за националниот сервис.

- Телевизијата нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, документарна програма. Ќе бидеме отсечени од светот – вели изворот.

Од генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, не добивме одговор зошто телевизијата должи. Ваков долг би бил уште поголем проблем токму сега. Имено, неодамна беше укината радиодифузната такса, а Владата реши МРТ да се финансира од државниот буџет, со што националниот сервис секако нема да има поголеми средства отколку во минатото. Нашиот извор од програмскиот совет вели дека долгот е натрупан од 2012 година.

- Лани МРТ зеде кредит од 3 милиони евра за да ги покрие долговите. Требаше да се платат странските и домашните копродукции кои веќе ја тужат телевизијата. Долгот требаше да се врати на три рати, но засега платена е само првата рата. Зошто, никој не знае – вели тој.

Малкумина ги читаат финансиските извештаи на телевизијата, каде нема да го сретнете зборот „долг“, туку тој со фин финансов речник е спакуван како „обврска“. А обврските на МРТ на крајот од минатата година биле тешки 21,8 милиони евра.
- На хартија, долговите на МРТ надминуваат 20 милиони евра, но се стравува дека има и скриени долгови. Натрупаниот долг кон ЕБУ едно време достигна и околу 2 милиони евра за неплатени членарини и други обврски, а националниот сервис имаше и голем долг  за одржување на сателитскиот сигнал. Како предупредување, сигналот беше прекинат и дијаспората не можеше да гледа македонска телевизија - открива Драган Секуловски, директор на ЗНМ.

Сумата што ја спомнува Секуловски се потврдува и во финансиските извештаи на телевизијата.

Во рекапитуларите на вкупните обврски, може да се забележи дека на крајот на 2014 и на 2015 година тие надминувале 22 милиони евра, за лани, на крајот од годината, да се намалат за околу 200.000 евра, но секако се повисоки од вкупниот приход што го остварила телевизијата.





Наши извори откриваат дека ситуацијата со минусното салдо на МРТ била толку алармантна што сметките биле блокирани, а Агенцијата за аудио-визуелни услуги (ААВМУ) не можела да наплати казни поради непродуцирање домашна програма. „Македонската радио-телевизија“ е и второ државно претпријатие кое ѝ должи најмногу пари на Управата за јавни приходи (УЈП). Според листата на должници објавена на веб-страницата на Управата, МРТ должи речиси 2,2 милиони евра по основа на разни даноци. Ниту Владата, ниту Собранието немаат податок колкав е вкупниот долг на националниот сервис. Ова ни го потврди министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

- Ние ги гледаме финансиските извештаи како сите други. Не знаеме колкав е целосниот долг на телевизијата. Затоа е потребно да се направи комплетна ревизија на финансиското работење и ако имало злоупотреби, ќе има одговорност - вели Манчевски.


Од следната година, МРТ ќе добива 0,7 проценти од државниот буџет Прашање кое логично се наметнува, ако се знае дека МРТВ е потоната во долгови, е дали ќе успее да се реформира во вистински јавен сервис со новиот начин на финансирање? По укинување на радиодифузната такса, главната дилема беше колкав процент од државниот буџет ќе се одвојува за МРТ: 0,5 отсто или 0,7 отсто годишно. Шпекулациите се засилија откако во септември Собранието ги изгласа промените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кои стои дека за МРТ ќе се одвојуваат 0,5 отсто од буџетот. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, објаснува  дека оваа измена важи само до крајот на годината.

- По усвојување на новите предлог-измени во Закон за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, во идните  буџетски проекции, предвидени ќе бидат 0,7 проценти. Овие 0,7  проценти секоја наредна година ќе бидат зголемувани сè до достигнување на лимитот од 1 отсто – вели Бошњаковски.


За Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) неприфатливо е Владата веднаш да не одвојува по 1 процент од државниот буџет. - МРТ има сѐ повеќе обврски, а сѐ помалку пари – вели Секуловски, директорот на ЗНМ. Според него, потребни се од 25 до 30 милиони евра за МРТ да прерасне во квалитетен и независен јавен сервис. -  Ако телевизијата досега функционирала со 15, 16 или 18 милиони евра годишно, а притоа е едно од најзадолжените јавни претпријатија во Македонија, како сега ќе го реши проблемот ако добива исто толку или помалку пари? Факт е дека за да биде независна, мора да има доволно средства и да ги сервисира постојните долгови – објаснува Секуловски. Како за споредба што се случува во регионот, тој го посочува примерот на „Хрватската радио-телевизија“ каде се собираат околу 150 милини евра од радиодифузна такса.

- Таму се плаќа меѓу 45-50 евра по жител на годишно ниво, а во Македонија околу 5-6 евра. Во земјите од Југоисточна Европа, минимумот е во Бугарија, каде се одвојува по 12 евра по жител на годишно ниво за јавниот сервис. Ова значи дека или во Македонија имаме проблем со сфаќање на концептот за важноста на јавниот радиодифузер или, пак, се смета дека може да функционира со многу малку пари, што не е случај. Не можеме да веруваме дека државата нема 30 милиони евра за МРТ – вели Секуловски.


МРТ планира 2018 година да ја помине со 18 милиони евра Со колку пари досега функционирал јавниот радиодифузер, а со колкави приходи ќе функционира следната година? Како МРТ ќе успее да ги врати долговите, да донесе квалитетна програма, но и да остане надвор од партиско влијание е прашање што, исто така, логично се наметнува. Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, вели дека 0,7 проценти од државниот буџет ќе значат дека МРТВ ќе добие повеќе од 19 милиони евра. Но, според Законот, од овој колач за МТВ ќе останат 74,5 отсто, бидејќи остатокот оди за Македонската радиодифузија и за ААВМУ. Во превод, за телевизијата ќе има 15 или 16 милиони евра. Манчевски нема конкретен одговор за прашањето дали овие пари се доволни. - Тоа е засега планот. Буџетот е тој и јавниот радиодифузен сервис ќе мора да функционира со тие пари – кратко вели Манчевски.

„Македонската радио-телевизија“ во Предлог-планот за годишната програма за работа во 2018 година, планира приходи од речиси 18 милиони евра, од кои 16 милиони директно од државниот буџет, како што кажа и Манчевски во изјавата за ПИНА.

Нашите соговорници сметат дека ова воопшто не е доволно за јавниот сервис. ЗНМ останува на ставот дека буџетот за телевизијата треба да биде од 25 до 30 милиони евра. Поранешниот главен и одговорен уредник на првиот програмски сервис, Диме Ратајковски, ни изјави дека јавниот сервис досега на годишно ниво со радиодифузна такса и со средства од Владата, располагал со буџет околу 15-16 милиони евра.
- Ова е премалку за квалитетно функционирање на МРТ, според европски стандарди. Од консултациите што ги направив со одделението за финансии, на телевизијата ѝ се потребни не помалку од 20 милиони евра годишно. Финансии се потребни за производство на програма, исплаќање редовни и застарени долгови, за плати – вели Ратајковски.

Ако се погледнат анализите на AАВМУ добиени од финансиските извештаи на МРТ, таа во 2016 година остварила приход од 19,3 милиони евра, еден од најниските во последните неколку години. Во 2015 година собрала приход од 20,8 милиони евра. Покрај радиодифузната такса, телевизијата добивала и директни дотации од Владата. Од УЈП добивме одговор и колку успевале да наплатат за радиодифузна такса, па кога ќе се собере сè, заклучокот е дека со новиот начин на финансирање, МРТ ќе добие приближно иста сума колкава што и досега добивала.



Дали укинувањето на радиодифузната такса е чекор напред во унапредување на медиумската сфера во земјава или не? Како МРТ ќе стане независна и надвор од контролата на која било партија што е на власт ако парите ги добива директно од државниот буџет? Ова се дилемите за кои се водат битки меѓу новинарите и аналитичарите и на социјалните мрежи. Новинарот Ѕвездан Георгиевски смета дека укинувањето на радиодифузната такса е чекор што, не само што не ја унапредува медиумската сфера во Македонија, туку ја враќа назад. Според него, „Македонската радио-телевизија“ е јавен сервис, а јавниот сервис ѝ припаѓа на јавноста и таа (јавноста) треба да се грижи за него и да му ги обезбеди легитимитетот и независноста. Ако финансирањето го преземе извршна власт, која не е јавност и нејзините интереси неретко се спротивни од јавниот интерес, според Георгиевски, ќе имаме голем проблем.
- Извршната власт, во најдобар случај, може да ги штити интересите на тие што ја избрале, односно на нејзините гласачи, а најчесто ги штити интересите на партијата (партиите) што ја раководат. Можеби можеме утопистички да претпоставиме дека ќе се појави влада (еве и актуелната) која ќе има доблест да ја сочува автономијата и улогата на јавниот сервис, но кој вели дека утре нема да биде заменета со некоја друга влада што ќе има сосема поинакви идеи за функционирањето на МРТ. Познато е: кој ги има парите, тој управува – смета Георгиевски.

Тој додава и дека со вакво системско решение, партизираноста на МРТ не само што не се отстранува, туку се фундаментализира. Тој се согласува дека начинот и опфатот на плаќањето на таксата не е најсреќно решение, но подобро решение би било негово усовршување, а не ваква популистичка и, во основа, штетна мерка.

Ратајковски, пак, смета дека новиот начин на финансирање ќе доведе не само до поголема зависност туку до целосна зависност на јавниот сервис од Владата.
- Ако минатото претставуваше показател за индиректна зависност од владејачките кругови, од различни причини и интереси, а тука во прв план го нагласувам немањето соодветна законска регулатива или лошиот закон за регулирање на јавниот сервис и на медиумската сфера каков што имаме досега, ваквата мерка доведува до директна зависност и до оправдување на епитетот „владина телевизија“ – вели Ратајковски.

Програмскиот совет „си оди“ заедно со новиот закон

Здружението на новинарите ја поддржа одлуката на Владата за укинување на радиодифузната такса, но единствено не се согласува со предвидениот процент од државниот буџет наменет за телевизијата.

Министерот Манчевски објаснува дека претходниот начин на финансирање донел до целосна партизација на јавниот дифузер и дека тоа целосно треба да се избегне со новите измени на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.
– Во МРТ беа доведени до целосна политичка зависност бидејќи мораа во Влада да молат за дополнителни пари. Сега ќе добиваат фиксен приход кој нема да зависи од никој и од ништо. Ратите ќе им се исплаќаат без ничија одлука, ако сакаат месечно, на три месеци, како ќе одлучат тие, така ќе биде – вели Манчевски.

Во новите измени се планира и либерализирање на изборот на членовите на програмскиот совет, така што ќе се избираат професионалци од областа кои ќе треба да имаат и поддршка од минимум неколку чинители од областа на медиумите.
- Најважно и ново е тоа што пред да бидат избрани, ќе има сериозна јавна презентација на овие кандидати. Ќе има јавна дебата, јавноста ќе знае кои се тие, а ќе мора и самите да се претстават јавно, со план и со програма за работа – вели Манчевски.

Тој нагласува дека нема да се чека да им помине мандатот на старите членови на програмскиот совет, туку откако ќе се изгласа новиот закон, ќе има комплетно ново раководство во МРТ и нов програмски совет.

И ЗНМ поднело свои барања во врска со законските измени за начинот на кој ќе се избира програмскиот совет во насока на обезбедување на неговата независност.
- Со законот треба да се избегне во советот да седнат луѓе што имаат конфликт на интереси. Според наши сознанија, сега најмалку четири лица не ги исполнуваат критериумите или имаат конфликт на интерес бидејќи се партиски активни. На пример, портпарол на одредена општина, поранешен амбасадор... Притоа, тие се пристрасни при носењето одлуки во однос на програмскиот совет – вели Секуловски.

Oбезбедувањето доволно средства за независно функционирање на МРТ е и едно од клучните барања на Европската Унија, споменато и во извештаите на европскиот експерт Рајнхард Прибе. Зајакнување на независноста и на капацитетот на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис е обврска што Владата си ја зададе себеси и со планот „3-6-9“.

Владиниот портпарол Бошњаковски смета дека со новиот предлог за измени и за дополнувања на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, на транспарентен начин се утврдуваат изборот и именувањата на раководните органи на јавниот радиодифузер. Ова, според него, ќе обезбеди целосна департизација на МРТ, како и назначување на стручни лица на клучните позиции.

Прашања со кои сериозно ќе треба да се занимава новото раководство на јавниот радиодифузер е колкав е и како да се врати долгот што го има телевизијата, дали парите се трошени законски и во согласност со плановите за работа, но и како МРТ да стане сервис на граѓаните, а не на партијата на власт.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Post date: 2017-10-26 09:36:43
Post date GMT: 2017-10-26 07:36:43
Post modified date: 2017-10-27 15:40:03
Post modified date GMT: 2017-10-27 13:40:03
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com