Уставниот суд за среда следната недела закажа нова седница, на која, како што може да се види од предложениот дневен ред, нема да се разгледува предметот за членот 175 од Законот за електронски комуникации, за кој Владата испрати мислење до судот со предлот-членот да не се укинува.

Од Уставниот суд за „Мета“ потврдија дека го добиле мислењето од Владата, кое заедно со другите материјали е дел од предметот за оценување на уставноста и на законистоста на контроверзниот член од Законот за електронски комуникации.

Инаку, членот 175 ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Уставниот суд, како што појаснуваат оттаму, нема да оддлучува посебно за мислењето од Владата, туку тоа е само дел од документите и материјалите што судиите ќе ги земат предвид, кога ќе одлучуваат дали да го укинат, поништат или ќе ја запрат постапката за членот 175.

Според агендата, објавена на интернет-страницата на судот, на дневен ред в среда е разгледувањето на шест иницијативи, едно барање за заштита на слободи и права и еден предлог за одлучување по предмет, но ниту еден од нив не се однесува на контроверзниот член од Законот за електронски комуникации.

Владата на својата 31. седница, одржана на 10 октомври, донесе мислење со кое му предложи на Уставниот суд да донесе решение за запирање на постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски телекомуникации, усвоена на 21 јуни 2017 година.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, неодамна изјави дека укинувањето на членот 175 од Законот за електронски комуникации од страна на Уставниот суд во овој момент ќе доведе до вакуум-ситуација, во која „целосно ќе биде ускратена можноста да има какво било законско следење на комуникациите што би било во рамките на заштита на уставниот поредок на Македонија и борбата против организираниот криминал и корупција“. Според Спасовски, тоа е првата причина, а втората е што надлежните органи длабоко се навлезени во подготовката на ново законско решение во рамките на системот на следењето на комуникациите, кое, според него, треба да биде готово до крајот на оваа година.

Укинување или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештаите на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, оној од 2015 година и последниот од годинава.

Инаку, Уставниот суд во моментов работи во скратен состав, со шест од вкупно девет членови, откако на судиите Наташа Габер-Дамјановска, Гзиме Старова и Исмаил Дарлишта им истече деветгодишниот мандат, а на нивно место сè уште не се именувани нови судии.