Министерот за дијаспора ги повика иселениците да гласаат на референдумот


       
Скопје, 10 август, 2018 - 15:38 (META) 

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, упати јавен повик до иселениците да го искористат своето право и да гласаат на претстојниот референдум.

„Имаме граѓанска одговорност да донесеме правилна одлука, да излеземе и со нашиот глас да придонесеме кон заедничка, подобра иднина. Сплотени, со здружени сили, заедно можеме да ја обезбедиме иднината на нашите деца. Одлуката зависи исклучиво од нас самите, наша е одговорноста. Вие одлучувате, дали Република Македонија ќе биде членка на Европската Унија (ЕУ) и НАТО, со прифаќање на договорот со Република Грција. Имаме граѓанска одговорност. Сега е време за одлука“, се вели во повикот на Адеми.

Пријавувањето на иселениците започна вчера и ќе трае до 23 август, на веб-страната на Државната изборна комисија. Референдумот ќе се одржи на 30 септември. Прашањето ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.