fbpx

Печалбарите што заминале за Германија и Швајцарија, ја посетиле државата за празниците, не се нови иселеници

Глаголот во насловот „заминале“, придонесува да се добие впечаток дека станува збор за иселување по првпат, а не за посета на Македонија за време на новогодишните празници и враќање на печалба

-

Во насловот од објавата која ја рецензираме, се пропушта контекстот, затоа што се вели дека 11 илјади печалбари за една недела „заминале“ во Швајцарија и Германија. Од текстот, пак, станува јасно дека тие се враќаат во Германија и Швајцарија, дека во земјава биле само на посета за празниците и дека не станува збор за нови печалбари, туку за постоечки. Исто така, бројката од 11 илјади се темели само на проценки од автобускиот превоз, без да се земе предвид и превозот со сопствени автомобили или со авион, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме две објави со слична содржина на социјалната мрежа Фејсбук, во кои се споделува напис за враќањето на македонските печалбари назад во државите каде што работат, по нивната посета на земјава за време на новогодишните празници. Во првата објава, насловот гласи: „Дојде живот”: За една недела од гостиварско заминале над 11 илјади печалбари во Швајцарија и Германија“. Во втората објава, пак, насловот гласи: „За една недела над 11 илјади печалбари од гостиварско заминале во Германија и Швајцарија“.

Кога ќе се прочитаат овие два наслова, несомнено се добива впечаток дека станува збор за прво иселување, односно за иселеници кои масовно ја напуштаат државата. Меѓутоа, кога ќе се пристапи до текстот односно до написот,  уште од првата реченица станува јасно дека не е така:

Последниот празничен викенд во Гостивар беше раздвижен поради заминувањето на печалбарите, дојдени за новогодишните и божиќни празници.

Станува збор за луѓе кои веќе се привремено на работа во странство, а кои во Македонија биле дојдени за да ги поминат празниците. Од насловите ,,Дојде живот, за една недела од гостиварско заминале 11 илјади печалбари во Швајцарија и Германија“ и „За една недела 11 илјади печалбари од гостиварско заминале во Германија и Швајцарија“, се добива невистинит впечаток дека тие си одат по првпат. Односно дека станува збор за нов бран на миграција, особено поради делот „дојде живот“, од кој треба да се заклучи дека состојбата се влошува, па граѓаните бараат подобра иднина надвор. Проблемот со пропуштениот контекст би се надминал доколку во насловот би се навело дека овие лица се вратиле во земјите во кои работат. Тоа е наведено во самиот текст, но не и во насловот:

Деновиве на социјалните мрежи и во разговорите меѓу гостиварци, исто како и кон крајот на летото и во овој период секоја година се коментира колку нашинци се дојдени во родниот крај.

Понатаму, недоследно е тоа што во самиот текст, се споменуваат проценки за лицата кои се вратиле со автобуски превоз во Швајцарија и Германија преку некои агенции и според бројот на седишта во автобусите. Така е дојдено до бројката од 11 илјади, меѓутоа еден дел од печалбарите доаѓаат во Македонија со свој сопствен или авионски превоз, така што бројката е повисока од 11 илјади лица.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која што се пропушта контекстот. Глаголот во насловот „заминале“, придонесува да се добие впечаток дека станува збор за иселување по првпат, а не за посета на Македонија за време на новогодишните празници и враќање на печалба. Исто така, бројката од 11 илјади лица е помала од фактичката (барем според проценките во написот), со оглед на тоа што дел од печалбарите се враќаат на печалба со сопствен или со авионски превоз. Во написот се спомнува токму ова, дека има печалбари кои се враќаат и со сопствени возила и со авион, но проценка за нивните бројки нема, па, пака, според она како е срочен насловот, се добива впечаток дека станува збор за вкупна бројка, односно бројка која ги вклучува сите иселеници од Гостивар кои се враќаат на печалба, зашто во него нема никакво ограничување.

Дека станува збор за манипулативен наслов, кој сее забуни, покажуваат и коментарите на корисниците на социјалната мрежа во кои некои пишуваат: „Не само таму.“ , „Македонија е празна! Браво за храброста“, „Сите млади да си заминат за подобар живот.“, „Само напред.“, „Браво.“, „Дуи ги праќа на рехабилитација во Швајцарија“ и многу други, што покажува дека барем некои од корисниците го виделе само насловот и помислиле дека станува збор за нови иселеници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...