!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Марфи до Анѓушев: Интерес на САД е безбеден и стабилен Балкан интегриран во НАТО и ЕУ


       
Вашингтон, 14 ноември, 2017 - 10:28 (META) 

На маргините на првиот ден од Трансатлантскиот економски форум, насловен како „Градење на мостови на Медитеранот“, кој се одржува во Вашингтон, вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, се сретнал со сенаторот Кристофер Марфи кого го запознал со реформските активности на Владата и ја истакнал силната посветеност кон што побрза евроатланска интеграција на земјата.

– Владеењето на правото е предуслов за привлекување на странски капитал. Владата од првиот ден ги презеде сите чекори со кои се гарантира стабилна и поволна бизнис клима. Инвеститорите од Америка се добредојдени да инвестираат во Македонија – рекол Анѓушев.

Тој посочил дека Владата на Република Македонија е фокусирана кон целосно враќање на довербата на граѓаните во институциите и потенцирал дека иднината на земјата е во членството во НАТО и во Европската Унија.

Марфи, кој е член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот на САД, истакнал дека САД ги подржува реформските процеси во Република Македонија, нагласувајќи го интересот на официјален Вашингтон за безбеден и стабилен регион, целосно интегриран во НАТО и во ЕУ.

Анѓушев посочил дека очекува помошта на САД да продолжи и понатаму во насока на полноправно членство на Македонија во НАТО.