Макрадули: Со „Планот за чист воздух“ за 2 години аерозагадувањето ќе се намали до 50%


       
Скопје, 15 ноември, 2018 - 14:24 (META) 

Намалување на загадувањето на воздухот за 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во другите градови во следните две години, предвидува „Планот за чист воздух“ на Владата кој денеска го презентираше заменикот-министер за животна средина, Јани Макрадули, а започна да се применува од вчера.

За овој план во буџетот за 2019 година предвидени се 1,5 милиони евра почетни средства дополнителни на оние кои веќе постојат од 20 милиони евра во другите министерства.

– Ова е јасен план како да се намали загадувањето и предвидува справување со изворите за загадување од домашното затоплување, транспорт, индустрија, градежништво и отпад – рече Макрадули.

Планот предвидува во 2019 година да се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 19 мерни станици. Во мониторингот ќе има предвидување во реално време, односно тридневна проекција на загадувањето.

Макрадули вели дека домашното затоплување е најголемиот загадувач на воздухот.

– После овој двегодишен план, 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на постоечкиот топлински оператор, а ДДВ-то за испорачната топлинска енергија да се намали од 18 на 5 отсто за дополнително стимулирање за приклучување. 20.000 домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20.000 домаќинства ќе користат инвертор клима уреди, а 2.000 домаќинства од социјално ранливите категории субвенционирано ќе го променат начинот на живеење. После две години ниедно домаќинство нема да се грее на јаглен и нафта. Државата ќе биде пример и првите активности ќе ги започнеме со замена на нееколошките извори на затоплување во јавните институции во градинките, училиштата и здравствените домови– наведе Макрадули.

Во делот на транспортот, ќе се воведе посебен зимски режим на сообраќај во деновите кога загадувањето е повисоко односно контролиран сообраќај во централното градско подрачје со претходно овозможени алтернативни решенија.

Во индустријата ќе се носи закон за индустриски емисии каде што се дефинираат построги правила во одобрувањето на интегрираните еколошки дозволи и ќе има потранспарентен мониторинг, а до тогаш ќе се зајакнат контролите.

-Во декември ќе ги започнеме преговорите за заокружување на оперативниот план за активностите за добивање на А интегрирана дозвола за РЕК Битола – информираше заменик министерот.

Во градежништвото ќе има засилени контроли во градењето и просторот за градење, миење на возила и покривање на товар. Обврска ќе биде да се контролира градежниот шут и другиот отпад на објектот што се гради.

-Апелирам и замолувам, за заедничка акција и за заедничка иднина. Верувам дека се уште не доцна да се делува. Длабоко сум убеден дека ова не е невозможна мисија бидејќи имаме јасен план што треба да се направи – додаде Макрадули.