Куере: Треба да прескокнете некои фази и директно да одите на дигиталниот пазар


       
Скопје, 16 февруари, 2018 - 12:42 (META) 

Мора да создадете финансиско опкружување во кое може да застанете цврсто на нозе и да имате капацитет да ги издржите шоковите во глобалната економија. Тоа се прави со силна економија во однос на хартиите од вредност и тоа се покажа во последната година. Сакам да ја пофалам НБРМ која направи одлична работа. Оваа порака денеска ја испрати членот на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Беноа Kуере на денешната прес-конференција која што се одржа по првата сесија на Меѓународната конференција на високо ниво во организација на Народна банка.

Тој исто така кажа дека важно за државата е да се приближи кон нови технологии за да се натпреварува во ЕУ.

– Вашата земја може да спроведе активности за побрз развој на индустријата, односно да прескокнете некои фази кои ги поминале развиените земји и директно да се натпреварувате на дигиталниот пазар односно на дигиталната економија. За тоа треба да се изгради систем, односно капацитет на високото образование, обуки и да се надгради вашата инфраструктура, а тоа е вклучено и во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан. Пред сè фокусот е ставен на изградба и развој на регионалната инфраструктура на пристапните патишта. Ова е важно за глобално ниво, но и за регионот – изјави Kуере.

Во однос на зголемувањето на референтната каматна стапка од ЕЦБ, Куере рече дека очекува на долг рок таа да остане на исто ниво.

– Ние ги одредуваме каматните стапки соодветно со условите во регионот, а посебно во eврозоната. Нема да ги зголемиме каматните стапки пред следниот циклус. Треба да дискутираме дали ќе ги промениме или не, детално сега не можам да говорам околу тоа – вели Куере.

Темата на која што се дискутира на Конференцијата се промените кои што се случуваат во светот. Според Куере, економијата имаше пораст во еврозоната што имаше и позитивни ефекти и во Македонија односно доведе до пораст и затоа сега се расправа за нејзината одржливост.

Неговата оценка е дека со оваа Конференција, НБРМ и државата се ставени во центарот на глобалните економски дискусии.