Фондацијата Метаморфозис создава коалиција за одговорна вештачка интелигенција

Како што појасни Јашари во завршницата на конференцијата што се одржа во Скопје, коалицијата треба да опфати не само невладини организации, туку и експерти од академската сфера, експерти од бизнис секторот „за да бидеме сигурни дека сите се вклучени во оформувањето на нашата иднина, оти велиме дека ВИ ја обликува нашата иднина“

Фото: Мета.мк, 19 декември 2023

Фондацијата Метаморфозис го почнува процесот за формирање Коалиција за одговорна вештачка интелигенција (ВИ), која треба да собере чинители од повеќе сектори, соопшти Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата, затворајќи го годинашното издание на меѓународната конференција „е-Општество.мк“, што Метаморфозис ја организираше по 19-ти пат.

Како што појасни Јашари во завршницата на конференцијата што се одржа во Скопје, коалицијата треба да опфати не само невладини организации, туку и експерти од академската сфера, експерти од бизнис секторот „за да бидеме сигурни дека сите се вклучени во оформувањето на нашата иднина, оти велиме дека ВИ ја обликува нашата иднина“.

„Знаеме дека ВИ е комплексна работа, а она што е важно е дека ВИ не е само кодирање или алгоритми, туку е најмногу предизвик за нас во невладиниот сектор да се ангажираме за да се осигуриме дека ВИ ќе се користи на одговорен начин, да ја вклучи сета наша креативност, да поттикне иновации…“, порача Јашари.

Тој порача дека не треба само да се размислува дали ВИ може да му наштети на човештвото и како на тоа да се одговори, туку од старт да се создадат јасни правила на каков начин треба да се развива вештачката интелигенција.

„Не е прашањето во тоа дали ВИ ќе ни наштети и како да се спречат ваквите штетни ефекти на ВИ, туку да се осигуриме од почетокот да не ни штети и да ја користиме на најдобар можен начин за нашата креативност и нашите иновации и нашите етички принципи да се вградат во оваа иднина. Сите ние сме одговорни и сите ние треба да се погрижиме да го направиме тоа можно“, порача Јашари.

Коментирајќи ги неколкуте сесии од денеска одржаната 19-та меѓународна конференција на Фондација Метаморфозис, чија тема беше „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност”, Јашари посебно се насочи на проблемот на технофобијата, посочувајќи ја како феномен што треба да се сузбива, а за да се постигне тоа се потребни знаење и одговорни чекори за навреме да се постават границите.

„Не сакам да зборувам за ВИ или некоја технологија како за нешто опасно и штетно, не сакаме да шириме технофобија. Тоа што треба да се направи е да се биде одговорен и да се размислува како ќе ја развиваме и како ја применуваме и како ќе ја користиме. Тоа е нешто што ние како организација уште од основањето во 2004 година се обидуваме да го правиме“, порача Јашари.

При осмислувањето на рамките и на мерките за што е можно подобра употреба на ВИ, треба да се внимава и на транспарентноста, нагласи тој.

„Транспарентноста е неопходна на неколку нивоа. Првото ниво е се разбира поврзано со транспарентноста на алгоритмите, што е многу тежок дел, оти го имаме приватниот сектор и авторски права и многу други прашања со набавка на алатки за ВИ. На тоа треба да внимаваме сите ние граѓански организации што работиме на полето на транспарентноста и на јавните набавки“ рече Јашари, потсетувајќи дека треба да се биде посебно буден поради фактот што за жал вештачката интелигенција сега честопати се злоупотребува за ширење дезинформации.

„И сето ова бара многу работа не само од проверувачите на факти, туку и на другите чинители што на кој било начин имаат нешто заедничко со регулирање на ВИ, а посебно за регулирање на изборниот процес и како тоа ја обликува нашата иднина во следните три, четири години“, порача извршниот директор на Фондација „Метаморфозис“.