!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривични пријави за вработени во Општина Прилеп за незаконско легализирање деловен простор


       
Прилеп, 24 октомври, 2017 - 15:49 (META) 

Кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување поднела полициската станица од Прилеп, против раководителот на секторот за урбанизам во Општина Прилеп, како и против уште четворица вработени во Општината, еден геометар и директорот на „Пелагонија турс“ од Прилеп, поради незаконска легализација на деловен објект, соопшти МВР.

Пријави добиле И.К. (61), раководител на сектор за урбанизам во Општина Прилеп, И.Ч. (66), раководител во одделение за урбанизам во Општина Прилеп, како и К.Б. (60), член на комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапки за легализација и Б.В. (62), исто така член на комисијата. Пријавен е и С.К. (61), управител на ДОО ,,Пелагонија турс“ Прилеп, како и П.И. (50), геодет, вработен во ГПС ,,Премер“ ДООЕЛ Прилеп.

Според полицискиот билтен, првопријавениот И.К., од 25 август 2011 година до 22 ноември 2013 година, во договор со другите пријавени, презел дејства за легализација на деловен објект кој не можел да биде предмет на постапување во согласност со Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со тоа пријавените овозможиле „Пелагонија турс“ ДОО Прилеп да стане сопственик на деловен  простор на приземјето од станбено-деловна зграда на улицата Маршал Тито во Прилеп, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 7.995.000 денари (130.000 евра).