Претставата „Аудиција“ за Светскиот ден на театарот во Прилеп

Во горчливата комедија се зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината

фото: Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

Со изведбата на претставата „Аудиција“ во режија на Владимир Милчин, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утре ќе го одбележи 27 март, Светскиот ден на театарот.

Влезниците за претставата се бесплатни и ќе можат да се подигнат утре на билетарницата на театарот, еден час пред изведбата која почнува во 19 часот и 30 минути.

„Во горчливата комедија се зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината“, велат од прилепскиот театар.

Во претставата играат Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Вилчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.

Инаку, македонската порака за светскиот ден на театарот ја напиша режисерот Коле Ангеловски, кој посочи дека ова е голем празник за театарџиите.

„Во независна Република Македонија имаше околу 20 национални установи кои целосно беа финансирани од Министерството за култура. Дојде демократијата, во театрите дојдоа партиски директори, кои си носеа партиски режисери, кои си бираа партиски глумци и соработници и со големи буџети правеа големи проекти, не претстави, проекти според големи автори. Големи најави, мали резултати. Ќе се променеше власта, нови партиски директори, нови партиски режисери, нови соработници, големи автори, големи најави, а сè помалку публика, помалку репризи. Секоја година со ребалансот на буџетот, парите во културата се намалуваа за 10%, 20%. Сега со овие средства што ги добија театрите, со исклучок на две, три претстави што имаат пристојни буџети, ќе крпарат со сценографии и костимографии од фундус, музика ќе симнуваат од Јутјуб, хонорарите, ако воопшто ги има, ќе бидат минимални“, вели Ангеловски во пораката.