Компаниите ги кажаа забелешките, законот за инвестиции влегува во владина процедура


       
Скопје, 5 март, 2018 - 15:57 (META) 

Компаниите, членки на Стопанската комора на Македонија, на средбата денеска со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши ги кажаа забелешките за Законот за поддршка на инвестициите кој наскоро ќе влезе во владина процедура.

Анѓушев рече дека досегашните забелешки добиени преку јавните дебати биле вградувани во законот, но и дека денеска слушнале неколку корисни сугестии.

– Ценам дека конечно добивме текст кој ќе биде применлив и лесно имплементирачки и ќе даде резултат во развојот на економијата – изјави Анѓушев по средбата.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески посочи дека компаниите се задоволни со мерките од Планот за економски пораст и дека стопанството изразува поддршка за побрзо донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

– Очекуваме брза постапка и поддршка од сите засегнати страни, за донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за да компаниите бидат поттикнати на нови инвестиции и зголемување на бројот на вработени – рече Азески.

Според последните проценки, околу 8.000 компании ќе имаат корист од програмата.