!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Каракачанов: Темата за Македонци во Бугарија не е добра за односите меѓу двете земји


       
Скопје, 18 септември, 2017 - 14:19 (META) 

Сакам изрично да нагласам за да ги прекинам политичките шпекулации – ги поддржуваме државното единство и територијалниот интегритет на Република Македонија. Немаме проблем со името на Репубика Македонија, ја признаваме земјата под уставно име. Подготвени сме да помогнеме во решавање на спорот со други земји за конечно да се отворат вратите на Македонија за полноправно членство во НАТО. Ова денеска го изјави бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, по средбата со неговата македонска колешка и домаќин, Радмила Шекеринска.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има промени во идеологијата и во неговите ставови во врска македонското малцинство во Бугарија по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји, Каракачанов рече дека темата е многу долга и дека за секој што се интересира за историјата на македонското прашање може да даде „специјални лекции“ како историчар, но денеска е дојден во Македонија како министер за одбрана.

– Отсекогаш сум сметал дека не треба да се измислуваат проблеми таму каде што нема, таков проблем во Бугарија нема. Тука сум во улога на министер за одбрана. Ако сакате да водиме историски разговори ќе зборувам во улога на историчар. Вакви теми не се во корист за добрите односи меѓу двете земји – рече тој.

Шекеринска и Каракачанов нагласија дека денешната средба, меѓу другото, е одржана за да се покаже дека договорот што го потпишаа двете земји нема да остане само на зборови.

– Тој договор и она што се случуваше по потпишувањето покажува дека двете држави се свесни дека само преку добрососедството нашиот регион може да оди напред и да ја гарантираме нашата заедничка безбедност – рече Шекеринска.

Каракачанов истакна дека за време на бугарското претседателство со Европската Унија, приоритет ќе биде интеграцијата на регионот на Западен Балкан во Унијата. Тој додаде дека официјална позиција на Бугарија е поддршка на Македонија за членство во НАТО и дека по потпишувањето на договорот од 1 август „работите почнаа да се движат во позитивна насока“.

На средбата двајцата министри се договориле за зголемување на соработката меѓу специјалните сили, проширување на соработката во делот на образованието во одбраната и за соработка меѓу воздухопловните сили.

Шекеринска истакна дека Македонија и Бугарија ќе имаат заедничка воена вежба, планирана во 2018 година, која јасно ќе покаже дека двете земји се одлучни да градат добри соседски односи и да ја градат заедничката безбедност во регионот.