fbpx

Собир во МАНУ: Пендаровски гледа напредок на земјава, Црвенковски со серија критики

-

Нашите денешни главни предизвици се во најголем дел, структурно поинакви, меѓутоа, не се помали по тежина и по значење од оние во 1990-тите, рече претседателот Стево Пендаровски кој денеска се обрати на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”. Научниот собир се одржува во организација на Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Институтот за национална историја, а под покровителство на претседателот Пендаровски.

Според Пендаровски, надворешната интегрираност е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет.

– Во тој дел забележавме видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрозиме виталните идентитетски маркери на македонската нација кои се експлицитно наведени во текстот на документот. Инаку, еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993-та до денес, независно кој беше на власт во Скопје и Атина, а тој е дека терминот Македонија ќе се употребува на неексклузивна основа. Договорот со Бугарија од 2017-та е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција – додаде тој.

Неодамна усвоената собраниска декларација го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање.

Според Пендаровски, заштитата на животната средина веќе стана најважното политичко и изборно прашање во најмалку половина од земјите-членки на Европската Унија, но, политики и ресурси за имплементација на зелените политики кај нас се нужни час поскоро, не затоа што се тие популарни кај богатите, туку затоа што според некои проценки ни умираат по 3.000 луѓе годишно само од аерозагаденост, колку што отприлика изнесува едногодишниот данок во смрт од Ковид-19.

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски исто така се обрати на оваа конфереренција и истакна дека веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ.

Тој потенцираше дека „станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ“.

– Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен – рече Црвенковски.

Тој се осврна и на уште една тема околу нашето европско интегрирање, кое вели, се смета за наша единствена опција.

– Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.“ Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива – праша Црвенковски.

Тој додаде дека се направиле крупни грешки.

– Со денешниве сознанија и искуства, со овој памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но, за жал, како во приватниот живот така и во политиката времеплов не постои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери, туку верувајќи во тие и такви тогашни околности, дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат – додаде тој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...