Канадска студентка преку ТикТок ги враќа во живот домородните јазици кри и оџибве

Снимки од екранот од ТикТок профилот @micec.mb.

Додека како дете растела во Фокс Лејк Кри Нејшн во Северна Манитоба во Канада, Шариса Нолт ги слушала своите дедо и баба како зборуваат на јазикот ининимовин (Ininímowin),  попознат како кри (Cree). Но, затоа што нејзината мајка не го научила јазикот, таа не можела да го пренесе на Нолт.

„Додека растев, слушав се помалку и помалку ининимовин, па почнав да верувам дека е исчезнат,“ изјави таа во интервју за Рајзинг војсис направено преку е-пошта.

По неколку години, Нолт се има преселено во Винипег и се вработила во Центарот за едукација за домородни култури на Манитоба (Manitoba Indigenous Cultural Education Centre – MICEC), непрофитна образовна организација што нуди програми и сервиси со кои се подига свеста за домородните култури во Провинцијата Манитоба. Оваа канадска провинција е лоцирана на традиционалните територии на домородните народи Кри, Дакота, Дене, Оџибва, Оџи-Кри и Метис, кои во Канада официјално се нарекуваат „први нации“.

Откако почнала со работа во МИЦЕЦ, Нолт почнала да ги промовира овие јазици на различни начини, меѓу другото и преку социјалните медиуми. Заедно со Ноа Малаздревич, активист за ширење на јазикот оџибве, почнале да креираат видео клипови на профилот на Центарот на ТикТок (@micec.mb). Преку комбинирање хумор и користење на јазикот во секојдневни ситуации со кои секој може да се поистовети, овие видеа придонесуваат јазиците да станат подостапни особено во тек на пандемијата кога многу луѓе се затворени дома.

Веб-сајтот за вести на Универзитетот во Винипег, каде што Нолт моментално студира, објави напис со кој се опишани дел од резултатите на оваа активност:

Млади луѓе го гледаат ова и велат „Фала ви, ја слушав баба ми како го кажува ова кога бев дете“, „Не сум го слушнал мојот јазик со години, ви благодарам“, или „Не знаев дека сè уште може да се научи мојот јазик“, изјавила Нолт. „Ваквите коментари ни покажуваат дека она што го правиме вреди.“

Фотографија добиена од Шариса Нолт објавена од Глобал војсис со нејзина дозвола.

Во ова кратко интервју со Рајзинг војсис, таа споделува повеќе информации за себеси, нејзиниот јазик и нејзиниот дигитален активизам:

Рајзинг војсис (РВ): Кој е сегашниот статус на Вашиот јазик и офлајн и на интернет?

Шариса Нолт (ШН): Постојат 5 дијалекти на јазикот кри, кои варираат од заедница до заедница. Моето семејство го зборува дијалектот „ен“ (n), кој ќе изумре во наредните 10-20 години со последните говорители од заедницата кои го зборуваат течно. Во другите заедници во Манитоба има од прилика 500 течни говорители помлади од 50 години. Кога постарите течни говорители ќе починат ќе зависиме од овие малкумина млади луѓе да го пренесат јазикот на своите деца и онлајн и офлајн. За дијалектот „ен“ нема многу едукативни ресурси за негово учење и група луѓе во моментов работи на нивно создавање. Другиот дијалект на кри наречен „ипсилон“ (y) или кри од рамниците (Plains Cree) e во многу подобра форма, со многу поголем број говорители помлади од 50 години и со многу ресурси достапни онлајн и офлајн.

РВ: Кои се најголемите предизвици при Вашите активности за промоција на јазикот и културата на интернет? И на кои начини се обидувате да ги надминете?

Шариса Нолт (ШН): Мој најголем предизвик е наоѓање време да создадам содржини, покрај моите други работни обврски. Се трудам да креирам содржини секогаш кога можам и во минатото направив колекција на видео клипови што ги постирам кога не може да снимам во живо.

РВ: Кои се главните мотивации за Вашиот јазичен дигитален активизам?

Шариса Нолт (ШН): Моја најголема мотивација е домородната младина кои се во иста ситуација како мене кога бев на возраст од 15 години. Домородните млади кои мислат дека нивната култура и јазик се изгубени. Се надевам дека кога ќе не видат и слушнат, ќе може да се видат и чујат себеси. Се надевам дека може да помогнам барем на една личност која е како мене, да почне да го зборува својот јазик одново.

РВ: Кои се Вашите надежи и соништа во врска со Вашиот јазик?

Шариса Нолт (ШН): Се надевам дека јазикот ининимовин ќе опстои и за моите внуци, или моите правнуци, или моите пра-правнуци и така натаму… Дека ќе може да го научат јазикот како нивни мајчин јазик и да ја разберат комплексната култура што е вградена во секој збор. Тоа е сè на што се надевам.

 


Овој напис е од Рајзинг војсис, проект на Глобал војсис со чија помош се распространува користењето на граѓанските медиуми на места кои вообичаено немаат пристап до нив е за прв пат објавен од Глобал војсис под условите на лиценцата Криејтив комонс и е пренесен од страна на агенцијата Мета.мк во рамки на партнерството за споделување содржини.