Јанеска – Саркањац: Програмскиот совет на МРТ не коментира политички изјави


       
Скопје, 15 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Претседателот на Програмскиот совет на МРТ, Смилка Јанеска – Саркањац, не сакаше да ја коментира вчерашната изјава на портпаролот на Владата на РМ, Миле Бошњаковски, кој рече дека новиот избор на старо-новиот директор на МРТ, Марјан Цветковски е „одлука на Програмскиот совет на МРТ кој сè уште функционира во стариот состав, а граѓаните добро знаат кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија и како е направен овој избор“.

Во врска со изјавата на Бошњаковски, таа рече дека Советот не коментира политички изјави.

– Функцијата на Програмскиот совет е да ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини кои ги емитува МРТ и да се грижи за остварување на интересите, целите и надлежностите на МРТ. Програмскиот совет работи во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Статутот на МРТ и Деловникот за работа, и не коментира политички изјави – вели Јанеска – Саркањац.

Сличен одговор претходно ни даде и директорот Цветковски.

Владиниот портпарол вчера порача дека „веднаш по усвојувањето на новиот Закон за аудио аудиовизуелни услуги ќе се овозможи професионално непартиски нови раководни позиции и во Македонската радио телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ)“.