Шест години не се мешам во политиката, вели старо-новиот директор на МРТ, Цветковски


       
Скопје, 15 февруари, 2018 - 11:26 (META) 

Марјан Цветковски, кој во вторникот беше избран за уште еден мандат за директор на Македонска радио телевизија (МРТ), за „Мета“ вели дека не сака да ја коментира изјавата на владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Изборот на Цветковски, кому ова му е трет мандат на чело на МРТ, предизвика серија негативни рекации од политичари, новинари и новинарски здруженија.

– Видете, јас шест години не се мешам во дневна политика, нема ни сега. Не би коментирал ништо повеќе – ни рече Цветковски.

На прес-конференцијата во Владата, Бошњаковски рече дека новиот избор на Цветковски е „одлука на Програмскиот совет на МРТ кој сè уште функционира во стариот состав, а граѓаните на Република Македонија добро знаат кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија и како е направен овој избор“.

– Веднаш по усвојувањето на новиот Закон за аудио аудиовизуелни услуги ќе се овозможи професионално непартиски нови раководни позиции и во Македонската радио телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ). Тоа значи дека овој избор е на важност сè додека не го усвоиме законот. Ќе го усвоиме наскоро, и со ова законско решение, оваа Влада ќе ја прекине оваа практика на нетранспарентност, ќе овозможи целосна професионализација и департизација на МРТ и на Агенцијата – рече владиниот портпарол.

 

Цветковски во писменото обраќање по неговиот реизбор, рече дека се заблагодарува за укажаната доверба и можноста и рече дека ќе ги слуша и критичарите.

„Им благодарам на сите оние кои ми даваат поддршка, но и на оние кои критички ја опсервираат мојата работа или пак имаат дилеми околу мојот избор. Сакам да истакнам дека ќе продолжам да бидам отворен за секоја добра идеја и за секоја конструктивна критика. Со внимателност ги следам сите перцепции и ставови и ќе продолжам да се трудам да ја извлечам секоја аргументирана поента која е присутна во јавниот дискурс и да ја применам во интерес на националниот сервис“, напиша Цветковски.
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.