Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски денеска изјави дека не му се јасни причините зошто извештајот на комисијата за АКМИ-системот (Автоматизиран компјутерски систем за управување со судските предмети) на Министерството за правда е класифициран, бидејќи, како што рече, во тој материјал нема „ништо помпезно и ништо страшно“.

Тој рече дека сè уште во фаза е постапката за добивање на безбедносен сертификат на оние членови на Судскиот совет кои го немаат, а одговарајќи на новинарско прашање кога извештајот ќе биде ставен на дневен ред на седница на Судскиот совет, зошто досега не е ставен и зошто има толку големи разлики во наодите Судскиот совет со оние што ги откри Комисијата на Министерството за правда.

– Во моментот таков безбедносен сертификат имаат шест членови на Судскиот совет. Мене не ми се јасни причините зошто е така класифициран тој материјал. Ништо помпезно, ништо страшно, како што се јавува во медиумите, во тој извештај нема. Јас имам безбедносен сертификат, јас го имам разгледано така што не сум убеден дека има многу разлики од она што ние досега, кога сме работеле, сме го констатирале. Сега нема да навлегувам понатаму, дополнително ќе добиете информација за тие предмети за кои се шпекулира – изјави Караџовски.

Според наодите на Комисијата, кои на прес-конференција ги презентираше министерот за правда, Билен Саљији на почетокот на декември, минатата година, во Кривичниот суд во Скопје не се користел модулот за автоматска распределба, туку таа се вршела рачно, а предметите биле распоредувани само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.

Во Врховниот суд, АКМИС се применувал спротивно на судскиот деловник и наместо предметот да оди кај судија по случаен избор, него го добива очекуван судија.

На почетокот на овој месец државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески потврди дека скопското јавно обвинителство отворило предистражна постапка во врска со извештајот за АКМИ-системот.