Бошњаковски: Новото раководство на МРТ ќе трае до новиот закон


       
Скопје, 14 февруари, 2018 - 12:42 (META) 

Владата на Република Македонија нема никаква поврзаност со изборот на директорот на Македонската радио телевизија. Овој избор е одлука на Програмскиот совет на МРТ кој се уште функционира во стариот состав, а граѓаните на Република Македонија „добро знаат кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија и како е направен овој избор“, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски.

– Веднаш по усвојување на новиот Закон за аудио аудиовизуелни услуги ќе се овозможи професионално непартиски нови раководни позиции и во Македонската радио телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ). Тоа значи дека овој избор е на важност сè додека не го усвоиме законот. Ќе го усвоиме наскоро, и со ова законско решение, оваа Влада ќе ја прекине оваа практика на нетранспарентност, ќе овозможи целосна професионализација и департизација на МРТ и на Агенцијата – рече владиниот портпарол.

Според Бошњаковски, можно е, новиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги да се најде во владина процедура до крајот на неделава.

Вчера актуелниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ), Марјан Цветковски, во конкуренција од 12 пријави беше реизбран на чело на јавниот сервис.

Советот на 26 јануари го распиша конкурсот за избор на нов директор, бидејќи стариот мандат на Цветковски му истекува во март.

Цветковски функцијата генерален директор ја извршува од 2012 година. За негов заменик е избран е Харун Ибраими.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.