Иванов: Со Договорот со Грција правно се укинува македонскиот народ


       
Крушево, 2 август, 2018 - 14:07 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање по повод 2 Август – Илинден од Мечкин камен од Крушево, голем дел од својот говор го посвети на Договорот со Грција, за кој рече дека е „резултат на славољубие“.

„Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбината на цел еден народ. Се зборува за владеење на правото, а се врши правно насилство“, оцени Иванов.

Тој додаде дека „лага е дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет.“

„Лага е дека со овој грчки договор не се погазува 74 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Напротив, со овој грчки договор се брише и државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27 годишната историјата на независната македонска држава. Лага е дека со овој грчки договор се гарантира членство во Европската унија и НАТО. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентализам, нема членство во ЕУ и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам. Со прифаќањето на ваквиот договор, ние само ја сечеме гранката на која седиме само затоа што некој не уверува дека во меѓувреме ќе ни израснеле крилја“, рече Иванов.

Тој додаде дека со овој Договор, се деградираат нашите стекнати права во Обединетите Нации.

„Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција. Бидејќи, со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република. И конечно, лага е дека со овој грчки договор се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој грчки договор правно се укинува македонскиот народ“, додаде Иванов.