Бугарија воведува повисок данок за возилата што повеќе загадуваат


       
Софија, 8 ноември, 2018 - 15:13 (META) 

Бугарскиот парламент вчера ги донесе долгонајавуваните измени, со кои се воведува повисок данок за старите автомобили и камионети со вкупна тежина до три и пол тони кои многу загадуваат.

Со усвоувањето на Преодните и завршни одредби на Законот за оданочување на корпоративни приходи со кои се менува Законот за локалните даноци и такси, се очекува данокот за најголемите загадувачи да се зголеми за околу 30 отсто од 1 јануари следната година.

Со измените се воведува нов принцип на определување на годишниот данок, преку две компоненти – моќноста на моторот и годината на автомобилот од една страна и еколошката компонента, која ќе биде дефинирана од општинските совети во зависност од еколошката категорија на автомобилот.

Токму втората, еколошката компонента, ќе носи даночно олеснување за автомобилите со стандард Евро 4 или повисок, а поголеми издатоци за оние од пониските Евро стандарди или кои воопшто не влегуваат во оваа категоризација.

Се очекува од оваа мерка, чија идеја е да се исфрлаат од употреба автомобилите постари од 20 години, кои се најголеми загадувачи, преку дестимулација на сопствениците. Според сегашните податоци, во Бугарија се регистрирани 3,6 милиони возила, од кои стари до пет години се само 168.000. Од вкупната бројка возила, пак, дури 1,5 милиони се автомобили постари од 20 години.

За товарните возила со маса од три и пол до 12 тони данокот ќе се определува во распонот од 10 до 30 евра за сите следни 750 килограми носивост.

Опозицијата реагираше дека со ваквите измени ќе бидат погодени најсиромашните, односно тие ќе плаќаат и до 60 евра (28 евра) годишно повеќе. Според опозициските пратеници, станува збор за речиси 70 отсто од вкупниот број автомобили.

Владејачкото мнозинство исто така не го прифати предлогот на „Обединети патриоти“ да се намали за 50 отсто данокот за автомобилите со подоцна монтиран уред за гас.

Инаку, Македонија го забрани увозот на автомобили постари од Евро 4 на 1 јули 2016 година.