!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анѓушев: Владата ќе направи се „Фени“ да продолжи да работи


       
Прилеп, 21 септември, 2017 - 17:29 (META) 

Владата ќе направи се што е во нејзина моќ за да се најде решение за финансиските проблеми на комбинатот „Фени“, за да може компанијата да продолжи со работа, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Тој, како невистинити ги отфрли тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека „Фени“ е пред затворање порад негови бизнис-интереси.

– Вистината е дека „Фени“ има финансиски потешкотии. Комапнијата беше бликирана од „Силкроуд банка“ и од страна на другите банки, бидејќи не ги исполнувала своите финансиски обврски. Потоа следна блокада настана од добавувачот на руда од Албанија. Владата е посветена на изнаоѓањето решение, интензивно разговараме и со сопственичката структура и со менаџерскиот тим на „Фени“ да изнајдеме решение како овој проблем да биде решен. „Фени“ е голем индустриски капацитет. Вчера беше исплатена платата на работниците, сите работници одат на работа и никој нема да биде отпуштен. Фабриката не престана да работи, туку само го намали својот капацитет за ореден период – рече Анѓушев, кој денеска заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески присуствуваше на свеченото отворање на фабриката „Инџекшн Молдинг Прилеп“ (ИМП), инвестиција на германски „Акомпласт“, во технолошко-индустриската развојна зона Прилеп.

Вицепремиерот истакна дека Владата може да помогне на краток рок, во рамките на своите капацитетит, но, долгорочно решение мора да понудат сопствениците и менаџерскиот тим на комбинатот.

– Ние посветено работиме и ќе најдеме решение како да му помогнеме на комбинатот да продолжи да работи, но, мораме да кажеме дека слободниот пазар, приватните субјекти и менаџментот и сопственичката структура на компанијата мора први да дадат решение бидејќи државата не може да се меша во сите операции на приватниот капитал. Државата може да помогне онаму каде што таа има моќ, а таа има моќ преку одредени мерки да помогне краткорочно, но за долгорочни решенија е потребно сопствениците и менаџерскиот тим да понудат решение – рече Анѓушев.