!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Анѓушев: „Фероинвест“ и другите мои компании нема да учествуваат на државни тендери


       
Скопје, 19 септември, 2017 - 10:45 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, најави дека „Фероинвест“ и другите компании кои се во негова сопственост, а законски имаат други управители, нема да учествуваат на државни тендери.

Тој во емисијата „Топ-тема“ на телевизијата „Телма“, појасни дека тендерот за компанијата ЕЛЕМ, случај кој предизвика бурни реакции во јавноста, бил распишан во февруари уште пред да се знае дека тој ќе биде дел од новата влада.

– Тендерот за ЕЛЕМ беше распишан во февруари кога јас не разговарав за вицепремиерско место и никој не знаеше кога ќе има влада. Ние дадовме понуда во рамките на законскиот рок од 60 дена. Понудата е дадена на 14 април, кога повторно воопшто никој не знаеше дали ќе има нова влада и дали ќе бидам составен дел од неа. Потоа постапката продолжи, заврши со две наддавања кои беа распишани од претходното раководство на ЕЛЕМ, во кои „Фероинвест“ доби одредени делови од тендерот, но истите беа поништени. Кога станав потпретседател на Влада, немаше начин како „Фероинвест“ и партнерот да се откажат од тендерот. Вистината е дека „Фероинвест“ не доби ништо на тендерот – појасни Анѓушев.

Тој додаде дека „Фероинвест“ не само на овој тендер, туку нема да добие на ниту еден друг тендер, каде што од другата страна ќе биде партнер државата.

– „Фероинвест“ ќе си работи како што знае да работи на интернационалниот пазар. Фирмите 96 проценти извезуваат. Компаниите имаат 800 вработени кои и понатаму треба да продолжат да живеат и ќе бидат активни во економскиот живот во државата – додаде Анѓушев.

Тендерот со ЕЛЕМ предизвика големо внимание во јавноста бидејќи компанијата „Фероинвест“ е во сопственост на Анѓушев. Тој тогаш не гледаше ништо спорно фирмата да учествува на тендери, бидејќи се запазени сите законски процедури и бидејќи е назначен друг управител.

За овој случај се произнесе и премиерот Зоран Заев, кој кажа дека покрај законите, важен е и етичкиот кодекс и ја повика јавноста будно да следи што ќе се случува.