!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Фероинвест“ на Анѓушев не го доби тендерот на ЕЛЕМ


       
Скопје, 15 септември, 2017 - 16:36 (META) 

ЕЛЕМ информира дека денешната аукција за тендерот за гумени ленти за транспорт на материјалот во РЕК Битола завршил делумно успешно.

За ЕЛЕМ била прифатлива понудата само за еден дел, а за другите четири Комисијата за јавни набавки на ЕЛЕМ следната недела ќе одлучува што понатаму.

„Цените што учесниците ги понудија во четири од петте одвоени пакети, се повисоки од сумата штo ЕЛЕМ ја имаше планирано во буџетот за нив. Прифатлива е понудата само за еден дел, која е дадена од „Репро опрема“ од Белград. Комисијата за јавни набавки на ЕЛЕМ ќе ја утврди фактичката состојба во текот на следната недела и ќе се изјасни за понатамошните чекори во врска со овој тендер“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека според законот, една од можностите е да се прифати понудата за делот од набавката која е во рамките на предвидениот буџет на ЕЛЕМ, а за другите четири дела да се поништи тендерот и да се распише нов.

„Во тој случај, ЕЛЕМ веднаш ќе почне процедура за нов тендер, од причини што предметот на оваа набавка е крајно неопходен за да може да тече производството во РЕК Битола“, велат од ЕЛЕМ.

Така, на пример, првиот дел, односно набавка на гумени транспортни ленти од 1.800 до 2.400 милиметри со платно, за која се јавил само еден понудувач, компанијата „Фероинвест“, понудената цена е 383.663 евра, а планираната максимална цена од ЕЛЕМ е 372.580 евра.

Вкупен планиран буџет на ЕЛЕМ за сите пет пакети е 17.220.000 евра.

Овој тендер предизвика големо внимание во јавноста бидејќи компанијата „Фероинвест“ е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој не гледа ништо спорно, фирмата да учествува на тендери, бидејќи се запазени сите законски процедури, бидејќи е назначен друг управител.

За овој случај се произнесе и премиерот Зоран Заев, кој кажа дека покрај законите, важен е и етичкиот кодекс.