fbpx

Зеленски не спроведува ,,екстремистички режим на етничко чистење и геноцид”

Не е точно дека режимот на Зеленски заговара етничко чистење и геноцид. Воената инвазија на Русија врз Украина во 2022 беше неиспровоцирана, а нападот на Израел врз Хамас е испровоциран од страна на нападот на Хамас против Израел од 7 октомври

-

Украина е република со претседателско-парламентарен систем на владеење, што е дефинирано со Уставот од 1996 година. Непосредно пред Русија да ја нападне Украина во февруари 2022 година, Москва лажно ја обвинуваше Украина за геноцид на граѓаните што зборуваат руски јазик во регионот Донбас. Путин го користеше овој наратив  за да ја оправда инвазијата врз Украина, но нема докази за да се поткрепат ваквите обвинувања. Меѓутоа, постојат кредибилни тврдења и извештаи дека бунтовничките сили поддржани од Русија во источна Украина, произволно приведувале цивили и ги изложувале на тортура, понижувачко постапување и принудна работа. Од друга страна, борбата на Израел е насочена против Хамас, а западните држави апелираат да се заштитат цивилите и не поддржуваат етничко чистење и геноцид против Палестинците, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Поддржувачите на екстремниот украински режим, кој со години го тероризираше народот на Донбас, сега го осудуваат дивеењето на Израел против Палестинците. Знаете што, останете доследни на себе и на своите вредности, поддржете го Израел и заговарајте етничко чистење и геноцид. Тоа е режимот на Зеленски.

Во објавата се наведува дека Украина има екстремистички режим, што не е вистина. Украина е република со претседателско-парламентарен систем на владеење. Уставот предвидува претседател избран на непосредни избори, премиер назначен од страна на претседателот и потврден од парламентот, односно Врховна Рада.

Украина, до 1991 година како дел од Советскиот Сојуз – Украинска советска социјалистичка република, до 1991 година, имаше еднопартиски политичкиот систем, а единствена партија дозволена во тогашниот Устав беше Комунистичката партија на Украина. Во 1996 година беше донесен актуелниот демократски  Устав, со кој се востанови нов плуралистички политички систем со заштита на основните човекови права и слободи и полупретседателски облик на владеење.

Во периодот од 2014 до 2022 година, Украина се бореше против сепаратистите поддржани од Русија во реонот на Донбас. Непосредно пред Русија да ја нападне Украина во февруари 2022 година, Москва лажно ја обвинуваше Украина за геноцид на граѓаните што зборуваат руски јазик во регионот Донбас. Путин го користеше овој наратив за геноцид, за да ја оправда инвазијата врз Украина. Меѓутоа, нема докази за да се поткрепат обвинувањата за геноцид и ова тврдење е отфрлено.

Но, постојат кредибилни тврдења и извештаи дека бунтовничките сили поддржани од Русија во источна Украина, произволно приведувале цивили и ги изложувале на тортура, понижувачко постапување и принудна работа. Тие ги приведувале цивилите за да ги користат како заложници. Почнувајќи од април 2014 година, вооружените борци кои ја поддржуваа самопрогласената Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск, заробија стотици цивили критички настроени, вклучително и новинар, проукраински политички активисти, верски активисти.

Проруските бунтовници редовно вршат ужасни злосторства. Постојат цврсти основи да бидеме сериозно загрижени за безбедноста и благосостојбата на секого кого го држат бунтовничките сили во источна Украина, изјави Хју Вилијамсон, директор за Европа и Централна Азија за Хјуман Рајтс Воч.

Нивните истражувачи во источна Украина документирале 20 случаи во кои бунтовничките борци заробиле цивили и интервјуирале 12 лица кои рекле дека нивните киднапери ги тепале, клоцале, боделе, ги гореле со цигари. Најмалку шестмина биле користени како заложници за размена со заробените бунтовници од страна на украинските власти.

Поранешните затвореници за Хјуман рајтс воч изјавија дека бунтовниците ги држеле во различни бази во Доњецк, Славјанск и Макиевка.

Од избувнувањето на војната, милиони луѓе ги напуштија сепаратистичките подрачја – мнозинството побегна во Украина, а стотици илјади во Русија. Во двата региона од самиот почеток е спроведена брза русификација. Таа почна со руски учебници за училиште и со воведувањето на руската национална валута.

Во 2019 година, Русија започна да издава руски пасоши на населението во тој регион. Според последните информации, 800.000 источни Украинци наводно имаат руско државјанство. Желбата да се заштитат овие „Руси“ е клучен аргумент за признавањето на сепаратистичките области.

Според меѓународното право, двете области Доњецк и Луганск се дел од Украина. Точно е дека Русија ја критикуваше украинската влада за дискриминација на луѓето кои зборуваат руски, но Киев го негира тоа. Фактите се дека употребата на украинскиот јазик како единствен официјален јазик во Украина значително се зголеми во писмената комуникација и во медиумите.

Како и во многу региони на источна и во јужна Украина, повеќето луѓе во Донбас зборуваат руски, со големи разлики помеѓу урбаните и руралните области. Во градовите претежно се зборува руски, додека во селата доминира украинскиот или мешавина од двата јазика.

Две третини од жителите на сепаратистичките области го нарекуваат рускиот свој мајчин јазик, објави Дојче Веле повикувајќи се на истражување спроведено од Берлинскиот центар за источноевропски и меѓународни студии од 2019 година.

Секој трет испитаник ги навел двата јазика, а само 3,5 отсто го навеле украинскиот како мајчин јазик.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, Зеленски нема режим и не заговара етничко чистење, туку ја брани територијата на слободна, независна и демократска држава од страна на воена инвазија која неиспровоцирано ја почна Русија.

Понатаму, во објавата на Фејсбук воопшто не се споменува осуда на насилството и тероризмот врз цивилите во Израел, односно нападот на Хамас и убиството на 1.400 цивили во Израел.

Францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак и американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 12 октомври го повикаа Израел да покаже милост кон палестинските цивили.

Израел има право да се брани со елиминација на терористичките групи како Хамас преку насочени дејства, но заштитата на цивилното население е должност на демократиите, рече Макрон во специјалното ТВ обраќање, пренесе ЕУ обсервер.

САД досега низ историјата во неколку наврати се обидувале да постигнат мир меѓу Израел и Палестина. Би-би-си, пишувајќи за историјата на конфликтот меѓу овие две земји се осврнува и на обидите за мировни преговори со посредство на САД.

Наспроти обидот што се прави во објавата, да се претстави дека режимот на Зеленски заговарал етничко чистење и геноцид, за такво нешто нема докази. Напротив, Русија изврши воена инвазија врз Украина во 2022 година и анектираше нејзини територии.

Цврсто ја отфрламе и недвосмислено ја осудуваме илегалната руска анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, се вели во изјавата на членовите на Европскиот совет, односно шефовите на држави или влади на 27 земји-членки.

Борбата на Израел е насочена против Хамас, а западните држави, како што наведовме погоре, апелираат да се заштитат цивилите и не поддржуваат етничко чистење и геноцид против Палестинците.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно дека режимот на Зеленски заговара етничко чистење и геноцид. Воената инвазија на Русија врз Украина во 2022 беше неиспровоцирана, а нападот на Израел врз Хамас е испровоциран од страна на нападот на Хамас против Израел од 7 октомври.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

АНАЛИЗА: Капиталните инвестиции во првиот „предизборен“ квартал на ниво од 14,5 отсто – дел од ресорите со 0 реализација

Министерства кои располагаат со буџети за капитални расходи што се бројат во стотици милиони евра, во првиот предизборен квартал од годинава испорачале лазечки стапки на реализација, пишува Порталб.мк. Новите...