Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Не стивнува напливот дезинформации и лажни вести на Балканот поврзани со новиот коронавирус COVID-19, па балканските сервиси за борба против дезинформациите најмногу пишуваа за нив.

Така, на српски портали бргу се рашири една вест со наслов со заведувачко тврдење кое ги доведува читателите до впечаток дека Кинези што работат на изградбата на автопатот во Црна Гора се заразени со коронавирусот, пишува raskrinkavanje.me, црногорски сервис за борба против дезинформациите.

Типичен претставник е насловот на порталот Espreso.rs: KINEZI KOJI GRADE AUTOPUT POD NADZOROM! Petoro radnika su možda zaraženi KORONAVIRUSOM (КИНЕЗИТЕ ШТО ГО ГРАДАТ АВТОПАТОТ ПОД НАДЗОР! Петмина работници се можеби заразени со КОРОНА ВИРУСОТ).

Во текстот пак, кој бил речиси идентичен во неколку портали, стоело: „Кинеската компанија ЦРБЦ, која гради делница на автопатот во Црна Гора, соопшти дека петмина работници што неодамна се вратиле од Кина се наоѓаат под медицински надзор и дека немаат симптоми на корона вирусот. Дополнително, се изнесувала и изјавата на еден лекар од амбулантата на компанијата ЦРБЦ, кој за црногорскиот весник „Дан“ рекол дека кај работниците што се под здравствен надзор нема знаци на инфекција на горните дишни патишта и влошување на општата состојба.

„Значи, ова е пример на наслов што тврди нешто спротивно од содржината на текстот. На ваков начин се привлекуваат читатели и се донесуваат заклучоци и пред да се прочита целиот текст. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека читателите на Балканот најчесто ги читаат само насловите, па со ваков наслов тие може да бидат наведени да заклучат дека состојбата со работниците што работат на изградбата на автопатот е алармантна. Тоа се кликбејт наслови“, пишува raskrinkavanje.me.

Идентичен случај, со заведувачки наслов, открил босанскиот сервис за борба против лажните вести raskrinkavanje.ba. И во овој случај станувало збор за српски портали.
Српски „Ало“ објавил текст со наслов: POŠAST HARA! 14.000 ljudi umrlo za kratko vreme, lekari mislili da je grip, a onda su otkrili jezivu istinu (ОПАСНА БОЛЕСТ ДИВЕЕ! 14.000 луѓе умреле за кратко време, лекарите мислеле дека е грип, а потоа ја откриле морничавата вистина).

„Иако од ваквиот наслов може да се донесе заклучок дека текстот ќе понуди повеќе информации за тоа од што, ако веќе не од сезонски грип, 14.000 луѓе „умреле за кратко време“, најавената „морничава вистина“ не може да се открие во статијата. Веќе во уводот се наведува дека 14.000 луѓе во САД умреле токму од сезонскиот грип“, пишува raskrinkavanje.ba.