fbpx

ХЕЦ „Чебрен“: Стара идеја, во ново јавно-приватно пакување

-

Долгогодишна политичка заложба и идеја на сите досегашни влади, но без никаква реализација. Тоа беше, и сѐ уште е, изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ на Црна река – главниот адут во сите партиски програми што добива посебен акцент во секој предизборен период. ХЕЦ „Чебрен“ би требало да ѝ донесе сигурна снабденост со струја на државава и намалување на увозната зависност.

И покрај сите 13 досега распишани и неуспешни тендери за ХЕЦ „Чебрен“ во изминатите 20-тина години, од низа причини, и покрај повеќе изработени студии од странски експерти, идејата, стара повеќе од 30 години, сѐ уште живее.

Која е главната причина за неуспешните тендери ?

„Наједноставно кажано, нема доволно вода за релизација на толку скап проект. Тоа е основната причина за сите досега пропаднати тендери за ХЕЦ „Чебрен“.  Проектот е прегломазен за исполнување, а количество на вода што го има Црна река е премало за таква грандиозна централа каква што е замислена. Тоа е главниот проблем. Залудно се прават постојано студии и се објавуваат тендери. Потврда дека нешто многу фали во тие студии е и фактот дека на секој тендер се пријавуваат по десетина странски компании кои набргу се повлекуваат, кога ќе видат според документацијата дека станува збор за неисплатлив проект. Затоа досега и нема конкретна понуда за ХЕЦ „Чебрен“, велат експерти упатени во оваа проблематика.

Според нив, природниот хидро-потенцијал на Црна река нема капацитет за работа на хидроцентрала која би произведувала 1.000 мегават-часови струја годишно. За тоа треба огромно количество на вода, многу поголемо од она што го има сега оваа река. ХЕЦ „Чебрен“ може да биде само со помал капацитет, колку ХЕЦ „Тиквеш“, на пример.

„Навистина не е јасно, зошто секоја влада наназад упорно го форсира овој проект, кога нема услови за негова реализација. Идејата е нереална и несигурна. Последната студијата не е достапна ниту на факултетите, па не може стручњаците да го кажат своето мислење“, посочуваат експертите.

Пред неколку дена на прес конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски најавија дека е објавен нов, меѓународен јавен повик за јавно-приватно партнерство за изградба на ХЕЦ „Чебрен“.

  • Цената на проектот била над 570 милиони евра.
  • Седум компании веќе побарале да ја подигнат пред-тендерската документација.
  • Немало да се изработува посебна студија, дека ги имало многу досега, а последната е од ноември минатата година.
  • Моќноста на хидроелектраната е предвидена на 333 мегавати, а годишното производство на струја, 1.000 гигават-часови.
  • Тендерот ќе трае до 3 април годинава.

Приватниот партнер, како што рече Ковачевски, ќе треба да ги обезбеди парите за изградба на електраната, а ќе добие концесија за вода од 60 години. ЕСМ, како јавен партнер, ќе треба да изгради пристапен пат до хидроелектраната, поврзување со трафостаница и ќе ја понуди ХЕЦ „Тиквеш“, во состав на ХЕЦ „Чебрен“, бидејќи припаѓа на исто сливно подрачје. Ковачевски оптимистички најави дека, по 15 години неуспешни обиди и 13 тендери, ХЕЦ „Чебрен“ ќе биде изградена, „затоа што има политичка волја“.

До почетокот на минатата година тендерите за ХЕЦ „Чебрен“ одеа во комбинација со ХЕЦ „Галиште“, која беше тргната како неисплатлив проект, а остана „Чебрен“, како пореален. Владата лани ја најавуваше оваа инвестицијата во вредност меѓу 600 и 800 милиони евра, реализација преку јавно-приватно партнерство, меѓу ЕСМ и странска компанија. Беше кажано и дека ИФЦ, како дел од групацијата на Светска банка, е вклучена во процесот на тендерирање и анимација на странски инвеститори.

Според претходни студии, изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ би траела 7-8 години, а повратот на инвестицијата би бил за период од 25 до 30 години. На првичните тендери за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“, пред околу две децении во просек се јавуваа по десетина и повеќе угледни странски компании. Што беше тоа што на компаниите не им се допаѓа во тендерските понуди, никогаш не беше јавно обелоденето од надлежните институции во државата. Неофицијално, инвеститорите никогаш немаа од македонските влади доволна гаранција дека проектот ќе им биде економски исплатлив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...