fbpx

Започна четиридневното привремено примирје меѓу Израел и Хамас

Постои можност да се продолжи примирјето во Газа, и тоа за еден ден за секои дополнителни десет ослободени заложници од страна на Хамас

-

По неколку недели изјави околу потенцијално примирје од високи функционери од Израел, Хамас и САД, а и по неколку одложувања, денеска во 7 часот наутро конечно започна привременото четиридневно примирје меѓу Израел и Хамас, известува Би-би-си. Договорот за примирјето вклучува и размена на палестински затвореници во Израел за дел од израелските заложници заробени од Хамас за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври.

Хамас се согласи да ослободи 13 заложници, од вкупно 50 кои рече дека ќе се ослободат во текот на следните четири денови на примирје. Откако истите безбедно ќе бидат примени од израелските сили, ќе бидат ослободени 39 палестински затвореници, од вкупно 150 затвореници, кои израелските сили се согласија да бидат ослободени во текот на следните четири денови.

Постои можност да се продолжи примирјето во Газа, и тоа за еден ден за секои дополнителни десет ослободени заложници од страна на Хамас.

Кратко пред да започне примирјето, израелските одбранбени сили објавија видео на платформата Х (поранешно Твитер), во коешто истакнуваат дека војната не е завршена и дека ова примирје е само привремено. Апелираат кон граѓаните на Газа да останат во јужниот дел, велејќи дека северниот дел е сè уште војна зона.

Всушност, ослободените заложници нема да пристигнат во Израел директно преку северната граница меѓу Газа и Израел, туку прво ќе бидат однесени во Египет преку граничниот премин Рафах. Откако ќе се изврши лекарски преглед на заложниците, тие ќе бидат однесени во Израел преку хеликоптер.

Истрели и експлозии се слушаа во Газа до последната минута пред примирјето.

Дополнително, во овие четири дена ќе се внесе големо количество хуманитарна помош во Газа преку Египет, вклучувајќи храна и гориво. Од Египет велат дека ќе се внесат преку 130.000 литри дизел дневно. Сепак, според британската хуманитарна организација Оксфам, ни волку хуманитарна помош нема да е доволна за потребите на граѓаните на Газа, имајќи на ум дека во моментов на целото население му е потребна хуманитарна помош.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...