Постои видлив прогрес во справувањето со предизвиците по промените во Македонија, а сега е момент да се зајакнат и капацитетите на Парламентот, што ќе придонесе кон развојот на почнатите демократски процеси. Ова го констатирале амбасадорката на Швајцарија во земјава, Сибил Сутер Тејада и високи претставници на американскиот Национален демократски институт (НДИ) на денешната средба со премиерот, Зоран Заев.

Тие, како што стои во соопштението за средбата, истакнале дека законите и нивните измени се носат во Парламентот и дека е потребна поддршка од целото општество за изградба на функционални парламентарни механизми.

Заев на средбата истакнал дека Владата е насочена кон почитување и зајакнување на Парламентот, институација која, како што рекол премиерот, за жал била деградирана години наназад.

– Затоа сме подготвени да работиме со НДИ и со сите што можат да помогнат во овој важен дел од демократскиот развој на Република Македонија – рекол Заев.

Тој додал дека зајакнувањето на Парламентот и носењето на квалитетна легислатива ќе ги постави институциите на своето место во општеството, а тоа е од интерес и на граѓаните и на државата.