НДИ оддаде признание на сите кои придонесоа во засолнувањето на 174 евакуирани Авганистанци

По речиси две години, канцеларијата на Националниот демократски институт во Скопје му кажа збогум на последното семејство од Авганистан во јули 2023 година, кога тоа тргна кон нов живот во Канада

-

Националниот демократски институт (НДИ) ги собра клучните засегнати страни кои дадоа свој придонес во преселувањето на авганистанската заедница која привремено беше сместена во Северна Македонија пред да го продолжи својот пат за Северна Америка.

„Настанот го одбележа невиденото достигнување за обезбедување привремено безбедно засолниште на 174 евакуирани Авганистанци и овозможи да научиме од нашиот заеднички потфат“, рече Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ Северна Македонија и додаде: „го цениме придонесот од државните институции, граѓанското општество и Националната фондација за демократија да ги поддржи евакуираните во Северна Македонија и да ги подготви за нивниот нов живот“.

На завршниот настан учество зедоа министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, амбасадорката на САД, Ангела П. Агелер, претседавачот на НДИ Том Дашл, главниот програмски офицер на НДИ Стефани Раст, и претставници од државните институции, Обединетите Нации и граѓанското општество, кои беа вклучени во серија разговори кои се фокусираа на социјалната инклузија и помош при интеграцијата, како и правната заштита и заштитата на човековите права.

На 5 октомври 2021 година, Северна Македонија ги пречека своите први бранители на демократијата од НДИ Авганистан, на кои им се придружија дополнителен НДИ персонал со нивните семејства, како и грантистите на Националната фондација за демократија (НЕД), кои се приклучија во декември 2021 година. По речиси две години, канцеларијата во Скопје му кажа збогум на последното семејство од Авганистан во јули 2023 година, кога тоа тргна кон нов живот во Канада.

Фото: НДИ Македонија

„Целта на оваа активност примарно беше насочена кон хуманитарно згрижување на членовите и нивните семејства од Авганистанската канцеларија на НДИ, но и од канцеларијата на американскиот Национален демократски фонд во Авганистан, кои што од оваа земја беа евакуирани во две групи од вкупно 178 лица – првата група на 05.10 2021 година и втората на 13.01.2022 година. Северна Македонија во рамки на партнерството и билатералната соработка со САД прифати вкупно 793 граѓани на Авганистан, од кои и посочените 178 лица чиј што статус беше оценет како високо ризичен по преземањето на власта на Талибанците во Авганистан“, изјави министерот Спасовски.

Притоа, тој рече дека МВР презело плански конципирани мерки и активности за што поуспешно и квалитетно реализирање на оваа хуманитарната мисија за прифаќање на граѓаните, во тесна координација со Канцеларијата на НДИ.

Министерот Османи изрази задоволство од успешно завршената мисија за привремено сместување на загрозените лица од Авганистан, кои ја напуштија Северна Македонија и се упатија кон земјите од нивната конечна дестинација.

„Северна Македонија како активен и одговорен чинител на меѓународната заедница демонстрираше солидарност тогаш кога беше најпотребно. Во фокусот и на нашето претседавање со ОБСЕ се луѓето. Човековата безбедност, вклучително и заштитата на цивилите и ублажувањето на цивилната штета, мора да има централно место во нашите заложби“, рече тој.

Од 1993 година, НДИ и нејзините локални партнери во Северна Македонија работат на воспоставување и зајакнување на политичките и граѓанските организации, заштита на изборите и промовира учество на граѓаните, отвореност и одговорност во владеењето. НДИ е непрофитна, непартиска организација која работи преку партнерства низ целиот свет за зајакнување и заштита на демократските институции, процеси, норми и вредности за да се обезбеди подобар квалитет на живот.

Во Скопје нема организирана група која киднапира деца

Вистиномер побара изјава од МВР со цел да разјасниме, дали постои или не организирана група која киданпира деца сред бел ден во Скопје, како што тврди објавата. Портпаролот на...