Како се шират дезинформациите, како да се препознаат, кои се алатките и начините за граѓаните да препознаат кога некој се обидува да им протне дезинформација, беа дел од темите од завршниот дел од регионалната конференција за младински политики и конструктивни наративи на локално ниво „Младински соседски дијалози: Сега за иднината!“.
На темата која беше фокусирана на борбата против говорот на омраза и дезинформациите во Западен Балкан свои гледишта дадоа Зана Идризи од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) од Регионална канцеларија од Истанбул, Норик Селими од Пикса аналитикс и Габриел Ван Опен од УНПД Брисел.
Идризи ја нагласи важноста од борбата против дезинформациите со оглед на брзината и интензитетот со кој се шират во регионот. Според неа, дезинформациите се шират со цел да се маргинализираат одредени групи и да се шири страв.
„Постојат повеќе начини да се проверат информациите, а ние работиме и со локалните медиуми за проширување на нивниот капацитет”, вели таа и додава дека во Западен Балкан важно е да се едуцираат младите луѓе на оваа тема и да се работи на проверување на факти во време кога се шират голем број дезинформации.
Норик Селими ја претстави платформата Пикса аналитикс која постои во повеќе од 50 држави низ светот. Тој кажува дека во моментов има „прелив на податоци” односно појава на премногу податоци дневно што го прави проверувањето на истите особено тешко.
Истражувањето на Пикса покажува дека во првиот дел од 2023 година на Западниот Балкан биле презентирани 9.1 милиони вести од новинските агенции, а има преку 290 милиони интеракции на секои 1000 вести. Бројките покажуваат дека е невозможно да се проверат сите, вели Норик и додава дека дезинформациите се препознатливи според обидите да го сменат мислењето кај читателите – нешто што се нарекува пропаганда.
„Манипулациите со информации се најчести во објавите и текстовите кои се од голема важност за граѓаните” вели Селими.
Како пример за ова, тој ги дава објавите за загадувањето на воздухот (нешто што е од интерес за граѓаните) и таму можат да се забележат и најмногу интеракции. Според нивните податоци, дезинформациите и говорот на омраза се најприсутни во Босна и Херцеговина, а особено се засилуваат за време на изборите.
Како помошна алатка за ваквите појави, Габриел Ван Опен од УНПД Брисел ја претстави платформата iVerify која постои од 2021 година.
iVerify претставува платформа која обезбедува пакет за поддршка за подобрување на капацитетот за идентификација, следење и одговор на заканите за интегритетот на информациите. Ваквиот пакет за поддршка вклучува дигитални алатки, модули за градење капацитети, можности за партнерство и стратегии за комуникација и достапност.
„Главната цел на платформата е едноставна, а тоа е да се зајакне националниот капацитет за проверување на моќните содржини. iVERIFY цели да стигне до максимален број граѓани и да им покаже дека не секогаш тоа што го читаат е точно”, вели Ван Опен и објаснува дека на платформата граѓаните имаат можност сами да проверат дали она што го читаат е вистинито.
Со оваа дискусија заврши дводневната конференција која обединува 50 млади локални носители на одлуки (градоначалници, членови на општински совети, службеници за млади на локално ниво, претставници на граѓанското општество и локални младински совети) од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија.
Настанот имаше за цел да се споделат знаења за зајакнување на меѓусебно разбирање, конструктивните наративи и почитта кон различностите преку дискутирање разни теми како конструктивни наративи за родова перспектива, дезинформации и говорот на омраза и предизвиците на младинско учество на локално ниво.